Фото: Пиксабеј

Против 37-годишен скопјанец ќе биде поднесена кривична пријава откако управувал мотоцикл без возачка дозвола и возел на едно тркало на булеварот „Партизански одреди“, со што ја загрозил сопствената безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Случајот бил откриен по објавувањето видео на повеќе интернет-портали и електронски медиуми на 10 октомври, на кое се гледа како лице управува мотоцикл „Сузуки“ на едно тркало, во близина на крстосницата со улицата „29 Ноември“.

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје, во соработка со системот „Безбеден град“, презело мерки и дејствија за утврдување на околностите.

При проверките било утврдено дека станува збор за мотоцикл „Сузуки“ со скопски регистарски ознаки, кој на 3 октомври го управувало машко лице на наведениот булевар. По разговор со сопственикот и корисникот на мотоциклот, полицијата дошла до информација дека на тој датум го користел А.А. (37) од Скопје.

Во разговор со полициските службеници, 37-годишникот посочил дека на 3 октомври управувал мотоцикл без да поседува возачка дозвола и дека објавил неколку видеа на својот профил на социјалната мрежа „ТикТок“.

За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје. Против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик, за „безобѕирно управување со моторно возило“, и по член 298, за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство“.