Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европол во својот последен извештај потврди дека фалсификуваните и пиратски стоки добиваат нагорен тренд во пандемијата. Како што е наведено во извештајот, криминалните мрежи брзо се приспособија на новите можности што ги отвори здравствената криза и лесно најдоа начини да ја задоволат побарувачката за производи што беа дефицитарни на пазарот за време на кризата. Но во анализите исто така се предлагаат нови мерки и активности за ефикасно сузбивање на нагорната линија на криминалитетот

Раст на стапката на криминалот за време на пандемијата, полициите најавуваат нови поефикасни мерки

Пандемијата на коронавирусот можеби полека ги минува своите последни денови, но, сепак, остави огромни траги врз функционирањето на целокупното општество. Статистиките на криминалистите регистрираат раст на стапката на криминалот за време на пандемијата и силен импулс на работењето на криминалните групи и организации. Во голем број криминални области на проучување, криминалистиката „доби“ сосема нови начини на дејствување, а на сторителите на кривични дела пандемијата им „отвори“ нови фронтови на создавање богатства.

Со здравствената криза, криминалците добија нови можности и шанса

Европол во својот последен извештај потврди дека фалсификуваните и пиратски стоки добиваат „поттик“ од пандемијата. Како што е наведено во извештајот, криминалните мрежи брзо се приспособија на новите можности што ги отвори пандемијата и лесно најдоа начини да ја задоволат побарувачката за производи генерирани од условите што ги создава пандемијата.
– Лажните козметички производи, храната, фармацевтските производи, пестицидите и играчките претставуваат сериозна закана за здравјето на потрошувачите. Фалсификувањето сега во голема мера се потпира на дигиталниот домен за извор на компоненти и дистрибуција на нивните производи (и материјални и недопирливи) до потрошувачите преку онлајн платформи, социјални медиуми и услуги за инстант-пораки. Повеќето фалсификувани производи дистрибуирани во ЕУ се произведуваат надвор од ЕУ – информираат во извештајот.
Според анализите, во извештајот е дадена најновата процена на закани од криминал од интелектуална сопственост, направена заеднички помеѓу Европол и Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија (ЕУИПО). Тие откриваат дека дистрибуцијата на фалсификувани стоки напредувала за време на пандемијата на ковид -19.
– Здравствената криза претстави нови можности за трговија со фалсификувани и пиратски производи, а криминалците ги приспособија своите деловни модели за да ја задоволат новата глобална побарувачка – стои во извештајот.

Фалсификувањето и пиратеријата претставуваат сериозна закана за здравјето и безбедноста на потрошувачите

Извештајот е заснован на податоците низ ЕУ и оперативните информации на Европол и со него се потврдува дека фалсификувањето и пиратеријата продолжуваат да претставуваат сериозна закана за здравјето и безбедноста на потрошувачите, како и за европската економија.
– Увозот на фалсификувани и пиратски стоки достигна 119 милијарди евра во 2019 година, што претставува 5,8 отсто од сите стоки што влегуваат во ЕУ, според најновите податоци на ОЕЦД и ЕУИПО – потенцираат од Европол. (ЕУИПО – децентрализирана агенција на ЕУ, со седиште во Аликанте, Шпанија, која управува со регистрацијата на трговската марка на Европската Унија (ЕУТМ) и регистрираниот дизајн на заедницата (РЦД) обезбедуваат заштита на интелектуалната сопственост во сите земји-членки на ЕУ.)
Покрај запленетите категории фалсификувана облека и луксузни производи, расте и трговијата со лажни производи што имаат потенцијал да го оштетат здравјето на луѓето, како што се фалсификувани лекови, храна и пијалаци, козметика и играчки.
Фалсификуваните фармацевтски производи, кои се движат од различни лекови до лична заштитна опрема или маски за лице, сѐ повеќе се идентификувани во последниве години. Дистрибуцијата речиси целосно се префрли од физичките на онлајн пазарите, предизвикувајќи загриженост за јавното здравје. Овие недозволени производи во голема мера продолжуваат да потекнуваат надвор од ЕУ, но тие може да се произведуваат и во нелегални лаборатории во ЕУ, кои тешко се откриваат и може да се постават со релативно малку ресурси.
– Производството на недозволени прехранбени производи, а особено пијалаци, стана попрофесионално и пософистицирано, при што некои фалсификатори го покриваат целиот синџир на снабдување и дистрибуција. Прекршувањата на заштитените географски ознаки и понатаму се широко пријавени – се вели во извештајот.
Извештајот покажува и некои клучни трендови во различни сектори на производи што првенствено се насочени од фалсификаторите. Облеката, додатоците и луксузните стоки остануваат меѓу најпопуларните категории на производи за фалсификувани стоки што се продаваат и на интернет и на физичките пазари. Тие се една од водечките категории од приближно 66 милиони фалсификувани предмети запленети од властите во ЕУ во 2020 година.

Како функционираат криминалните мрежи

Процената на заканите нагласува дека дистрибуцијата на фалсификувани производи најмногу се потпира на дигитални платформи, тренд што е засилен со пандемијата и широкораспространетата онлајн потрошувачка. Фалсификуваните стоки се нудат на онлајн пазарите, преку пренос во живо, видеа и рекламирање на платформите на социјалните медиуми и услуги за инстант-пораки, обично насочени кон клиентите со погрешни попусти или брендирани производи со ниски цени.
Фалсификувањето е многу профитабилна активност за инволвираните криминални мрежи, кои остваруваат голем профит, а истовремено имаат релативно мал ризик.
Во анализата се нагласува дека, иако најголемиот дел од фалсификатите на пазарот на ЕУ се произведува надвор од Европа, главно во Кина и други делови во Азија, домашното производство во ЕУ е во тренд на зголемување. Зголемениот увоз на фалсификувани материјали за пакување и полупроизводи во ЕУ јасно укажува на присуството на нелегални производствени капацитети во ЕУ. Криминалните мрежи со седиште во Европа што се вклучени во криминалот вршат дистрибуција на увезени фалсификати и, во некои случаи, работат со модерни производствени капацитети што склопуваат полупроизводи.
– Пандемијата на ковид-19 им претстави нови деловни можности за криминалците да дистрибуираат фалсификувани и супстандардни стоки. Во најдобар случај, овие производи нема да работат толку добро како автентичните. Во најлош случај, тие можат да пропаднат катастрофално. Запленувањата на органите за спроведување на законот покажуваат дека производството на овие стоки сѐ повеќе се одвива во рамките на ЕУ, додека пандемијата дополнително ја зацврсти зависноста на криминалците на дигиталниот домен за набавка и дистрибуција на нивните нелегални стоки. Овој извештај го осветлува обемот на овој криминален феномен и повикува на усогласена прекугранична акција како одговор додека влегуваме во економското закрепнување по ковид. Несовесните фалсификатори треба да бидат единствените што ќе платат висока цена – истакна извршната директорка на Европол, Катерине де Бол.

Други лажни производи на пазарот

Мобилните телефони, нивните додатоци и компоненти се исто така меѓу првите категории на запленети лажни стоки и се продаваат во голем број за време на продажни настани, како што се Црниот петок и Сајбер-понеделникот.
Во случај на парфеми и козметика, недозволеното производство се однесува на стоки за секојдневна употреба, како што се шампони, паста за заби или детергенти.
Трговијата со недозволени пестициди останува активност со низок ризик и со висок профит, одржана од високата побарувачка и ниските санкции за прекршителите.
Пандемијата, исто така, доведе до зголемена понуда на недозволена дигитална содржина, која често е поврзана со други криминални сајбер-активности. Пиратеријата сега е претежно дигитален криминал, а веб-локациите што незаконски дистрибуираат аудиовизуелна содржина се хостирани на сервери низ Европа, Азија и Блискиот Исток.


И во Македонија е голем проблемот со „пиратеријата“

Продажбата на пиратски производи, парфеми, накит, брендирана облека, филмови и музика, лекови и разни други препарати е на големо застапена во земјава.
Иако официјално не сме дел од Европската Унија, тоа значи дека кај нас уште полесно е да се внесуваат непроверени и неквалитетни производи, меѓу кои и детски играчки, за кои „Нова Македонија“ во изминатите броеви посвети голем број текстови и анализи.
Кај нас најраспространета е онлајн продажбата, односно продавањето производи преку социјалните мрежи, па кога тие ќе пристигнат кај купувачите, на продавачите им се губи секаква трага, а купувачите немаат никаква можност ниту за замена на производите, ниту пак за враќање на парите што ги дале за одреден производ.
Во оваа категорија производи не спаѓаат само кремови и козметика туку се продаваат и лекови што сериозно го нарушуваат здравјето на луѓето.
Бидејќи многу е тешко да им се влезе во трага на овие продавачи, кои на многу лесен начин обезбедуваат профит, кај нас многу ретко ваквите случаи имаат епилог, односно овој вид криминалци многу тешко или, пак, воопшто немаат никакви последици.

[email protected]