Фото: Игор Бансколиев

Навидум трагичната приказна требаше да заврши како уште една „приказна со несреќен крај, заради судбинскиот несреќен случај на загуба на човечки живот и уништување имот“. По првичните информации, никој не ни можеше да помисли дека се случува нешто заткулисно и дека зад трагичната смрт на триесет и шестгодишниот маж се крие нешто сосема друго. По детално извршената истрага на полицијата било констатирано дека всушност сопственикот на станот не починал од пожарот, како што се мислеше првично…

Злосторство како сценарио за холивудски филм

Сценарио како од холивудски филм ги потресе жителите на главниот град. Она што речиси секојдневно го читаме по странските медиуми, деновиве се случи во скопската населба Хром. Навидум обичен пожар, во кој за жал животот го загуби едно лице, прерасна во невидено смислено сценарио како од познатите крими-книги на Агата Кристи. Сепак, случајот со пожарот излезе дека е нешто многу повеќе…

ОБИД СО ПОЖАР ДА СЕ СКРИЕ УБИСТВО

На крајот на септември, поточно на 22 септември, жителите на зграда во Хром беа потресени од пожар што избувна во зграда на улицата Исаија Мажовски. Пожарникарите утрото интервенираа со три противпожарни возила на четвртиот кат од петкатницата.
Огнените јазици целосно го проголтаа станот, а веќе излегуваа и од прозорците.
Со оглед на тоа што пожарникарите влегле во станот, било пронајдено едно починато лице, за кое се утврди дека е сопственик на станот, на возраст од 36 години.
И тука навидум трагичната приказна требаше да заврши како и секоја друга. Никој не ни можеше да помисли дека се случува нешто заткулисно и дека зад трагичната смрт на триесет и шестгодишниот маж се крие нешто сосема друго.
Сепак, по направената истрага на полицијата било констатирано дека всушност сопственикот на станот не починал од пожарот, како што се мислеше првично.
Кај починатиот биле констатирани траги од насилство.
Сето ова беше доволен мотив за полицијата и Јавното обвинителство да отворат истрага, бидејќи обезбедените докази даваа основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривичното дело убиство на свиреп начин.
Благодарение на екипите на Министерството за внатрешни работи, случајот доби сосема поинаков тек. Сега веќе полицијата заедно со Обвинителството почна да работи на расчистување свирепо убиство.
Скопјани во шок, не им се верува дека ова се случи во град каде што навидум нема вакви случаи.
– Вакви филмски приказни обично читаме на странските медиуми, но кај нас досега немало вакво нешто. Што ако пожарот се проширеше и ја зафатеше целата зграда? Да се плаши човек и дома да седи, какво време дојде, не знаеш од која страна ќе ти се случи нешто по туѓа вина – вели жител на зградата, сосед на починатиот.

ШТО ТОЧНО СЕ СЛУЧИЛО?

По спроведената истрага, полицијата и ОЈО констатирале дека починатиот пред да биде убиен имал краткотрајна расправија со друго лице, 39-годишен скопјанец, кој во тој момент му нанел повеќе од пет убодни рани во вратот и телото.
Убиецот потоа неколкупати се јавил кај својата мајка, на која ѝ раскажал што се случило, по што таа зела пластично шише и заминала во најблиската бензинска пумпа, купила литар и половина гориво и заедно со својот син подметнала пожар во станот каде што веќе починат лежел 36-годишникот.
Со надеж дека на тој начин ќе го скријат грозоморното убиство и воопшто не размислувајќи, мајката и синот го подметнале пожарот доведувајќи ги во опасност сите жители што живеат во зградата.
Против осомничениот, кој им е недостапен на органите на прогонот, ќе биде поведена истрага за кривично дело убиство од членот 123 став 2 точка 1, како и за тешки дела против општата сигурност од членот 292 став 1 во врска со членот 288 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството за него ќе предложи притвор како мерка за обезбедување по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
За неговата 59-годишна мајка, како соизвршителка, поведена е истрага за тешки дела против општата сигурност од членот 292 став 1 во врска со членот 288 став 1 од Кривичниот законик. Таа е лишена од слобода и по предлог на јавен обвинител, определен ѝ е притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скрие или уништи трагите од делото или да влијае врз сведоците.