Фото: Пиксабеј

Трговскиот центар „Ист гејт мол“ во Скопје, попладнево бил целосно евакуиран поради опожарено возило во паркингот поради што се активирале противпожарните аларми, информираат од МВР.

-Денеска во 13.42 часот пријавено е дека во ТЦ “Ист гејт мол” се вклучиле противпожарните аларми при што веднаш од страна на обезбедувањето е реагирано и е утврдено дека станува збор за запалено возило “рено Лагуна” во подземниот паркинг. Пожарот е изгаснат од страна на обезбедувањето, велат од МВР.

Оттаму додаваат дека трговскиот центар е вратен во функција.

Од „Ист гејт“ на социјалната мрежа Фејсбук објавија известување со кое потврдуваат дека бил активиран алармниот систем и посочуваат дека трговскиот центар е безбеден.

„Во врска со активирањето на алармниот систем во трговскиот центар, би сакале да Ве известиме дека проблемот на паркингот кај едно од возилата е навремено детектиран и веднаш е решен. Tрговскиот центар е безбеден и продолжува да работи со регуларно работно време“, напишаа од „Ист гејт“.