Фото: Макфакс

Илија Спасески, еден од обвинетите за претепувањето на Христијан Пендиков, на денешното рочиште во судот во Охрид рече дека не се чувствува за виновен за претепувањето на Пендиков.

Во Основниот суд во Охрид со сослушување на сведоци и изведување на докази, почна судењето за случајот Пендиков.

– Јасно ми е обвинението, но не се чувствувам за виновен, рече Спасески на второто рочиште од судскиот процес во Основниот суд во Охрид.

Натепаниот Пендиков не дојде ниту на денешното рочиште. Судијата и пред јавноста посочи дека пропаднал обидот за да му се достави покана за рочиште на Пендиков. На ова, адвокатот Стефан Карамишевски, бранител на Пендиков кажа дека оштетениот има здравствени проблеми.

Од Обвинителството соопштија дека на 19 јануари, осомничениот битолчанец, заедно со уште едно лице против кое веќе се води постапка и е поднесено обвинение, од омраза поради националната и етничката припадност нападнале еден оштетен кој се изјаснувал како Бугарин, го удирале со раце и нозе по главата и телото и тешко телесно го повредиле.

Бугарските власти тогаш му организираа лекување во Софија и го транспортираа со владин авион. Обвинителството поднесе обвинение против Илија Спасески, инаку наставник по префесија, а уште едно лице кое учествало во тепачката и трето лице кое гледало и било сведок на настанот, не се достапани и за органите на прогонот.