Хеликоптерот на Одделот за воздухопловни единици, „Бел 212“, за кој МВР набави најсовремена опрема со која се оспособи за гаснење на пожар, веќе активно работи на гасење на пожарот кој утрово настана во магацин за складирање на производи на тетовска фабрика, а на лице место од моментот на пријавување на пожарот, покрај надлежните полициски екипи, се и полициски службеници од сите полициски одделенија на подрачјето на СВР Тетово, со цел обезбедување на поширокиот простор, како и припадниците на сообраќајната полиција кои го регулираат сообраќајот околу фабриката.
Ова го објавија од МВР на официјалниот Фејсбук-профил.
– Министерството за внатрешни работи заедно со Одделот за воздухопловни единици, за потребите на Хеликоптерската единица за полициски намени, која во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со 3 хеликоптери марка „Бел“, ги препозна потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот – стои на ФБ на МВР.
Катастрофалните пожари од 2021 година, пишува, беа сигнал за МВР да набави најсовремена опрема со која хеликоптерите се оспособуваат за гаснење на пожар, со што ќе можат да одговорат на потребите на граѓаните.
– Се набави едно ведро за „Бел 212“ и Симплекс резервоар за „Бел 412“. Со овој чекор МВР преку Одделот за воздухопловни единици се оспособи за уште една задача во служба на граѓаните. За да се овозможи успешно користење на опремата беше спроведена меѓународна обука од сливенечката полиција, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени. Овој пример е уште еден доказ дека МВР е сервис на граѓаните и тоа е веќе имплементиран начин на работа во сите сегменти на полициското работење, а заштитата и безбедноста на граѓаните е наш приоритет – се наведува од МВР на профилот.