Мундијалот, за голема жал на сите спортисти, спортски работници и љубители на спортот, често е валкан со најразлични криминални активности

Луѓето со искривена ментална криминална матрица го искористуваат дури и спортот, претворајќи го „од феномен со висока универзална општочовечка вредност, во алатка за извртување кон неетички, неморални и криминални активности“

ТЕМНАТА СТРАНА НА ГОЛЕМИТЕ СПОРТСКИ НАСТАНИ

Една од најчестите изреки за спортот е дека тој ги зближува луѓето од целиот свет. Но таквиот факт не е едностран, односно дека спортот не секогаш ги зближува луѓето само од позитивната, спортска, хуманитарна страна… Како и во сите други аспекти од животот, така и тука има такви што го гледаат аспектот на лично користољубие, среброљупство, па дури и ги сакаат и поттикнуваат негативните страни. Луѓето со искривена ментална криминална матрица го искористуваат дури и спортот, претворајќи го „од феномен со висока универзална општочовечка вредност, во алатка за извртување кон неетички, неморални и криминални активности“.

ИНТЕРПОЛ НА ШТРЕК

Ни претстојат уште многу денови исполнети со Светското првенство во фудбал. На задоволството на многубројните обожаватели, во телевизиската понуда секојдневно има по неколку фудбалски натпревари. Обложувачниците и натаму ќе бидат преполни со љубителите на овој спорт, кои ќе типуваат за своите фаворити, а оние што имаат можност и лично ќе присуствуваат на некои од натпреварите во Катар. Сепак, тоа што за некого е задоволство, за некого е извор на претпазливост и активна работа.
Големите меѓународни спортски настани, како што се Олимписките игри и турнирите на Светското првенство во организација на ФИФА, претставуваат големи безбедносни предизвици за земјите домаќини.
Токму поради тоа што се одржуваат на масивни, сложени и дисперзирани локации, големите спортски настани можат да привлечат низа криминални активности, од неред и насилство до сајбер-напади, па дури и тероризам.
Фактот што ваквите настани секогаш се атрактивни за терористички напади, за злоупотреба на многубројни институции во сајбер-просторот, за организирање илегални обложувања, па дури и за местење натпревари, заради финансиска заработка, ги прави овие настани високоризични, бидејќи не е проблем само насилството што би можело да произлезе како резултат на незадоволните обожаватели. Но насилството можеби е најмалиот проблем во овој случај. На секој натпревар, сеприсутни се полициските власти, кои, доколку избие инцидент, во рекордно брзо време го ставаат во ред.
За полесно справување со сите ризици што произлегуваат од ваквите масовни настани, Интерпол уште пред десетина години го формираше проектот „Стадиа“. Неговата главна намена е раководење со меѓународни експертски групи и создавање глобална програма за споделување информации, со цел, помош на земјите организатори на вакви настани, со цел полесно да се справат со сите безбедносни предизвици што истите тие ги носат.
Финансиран од Катар, овој проект им помага на земјите-членки да планираат и да имплементираат безбедносни подготовки за да обезбедат непречено успешен настан, додека ги одржуваат учесниците и гледачите безбедни и сигурни.

ИЛЕГАЛНИ ОБЛОЖУВАЊА

Надлежните предупредуваат и на илегални обложувања. Колку за потсетување, токму за време на Европското првенство во фудбал, Интерпол реализира акција што доведе до стотици рации и апсење на околу 1.400 осомничени во Азија и во Европа. Властите во септември минатата година пронајдоа 7,9 милиони американски долари во готово, како и компјутери и мобилни телефони поврзани со околу 465 милиони американски долари во обложување.
Илегалното обложување генерира значителен профит за мрежите на организиран криминал, кој честопати е поврзан со други криминали, како што се перење пари и корупција.
Како и насекаде, така и во спортот, отсекогаш била присутна и корупцијата, која повторно, како и за сите други криминални активности, така и тука, постои заради нечии лични финансиски интереси.
Како што во нашите претходни изданија направивме анализа, огромниот прилив на пари, брзиот раст на легалните и нелегалните спортски обложувања, како и сѐ поголемата атрактивност на спортот, особено на фудбалот, ја прават оваа спортска дисциплина многу атрактивна за илегална заработка со помош на корупцијата. За време на Европското првенство во фудбал беше направена рација во голем број обложувачници, но и беа проверувани и голем број интернет-платформи, и кај сите нив беше откриено дека се нуди илегално обложување.

И КОРУПЦИЈАТА Е МАСОВНО ПРИСУТНА ВО ФУДБАЛОТ

И корупцијата исто така остава белег на фудбалот. Дека тоа е така говори и случајот кога ФБИ реализира апсења во Цирих, кога беше поднесено и обвинение против првиот човек на ФИФА, кое се однесуваше на корупција и мито во организираниот фудбал, рекетирање, финансиски измами, заговори за перење пари во период од 20 години, а поврзани и со организација на одредени светски првенства, со акцент на СП во Катар.
Помеѓу идентификуваните сомнителни корупциски скандали можат да се набројат и натпревари од квалификациите за СП и ЕП 2016, два натпревара од Лигата на шампионите (ЛШ) и неколку од врвот во европските национални лиги. Тука спаѓаат и уште 300 сомнителни натпревари што беа идентификувани надвор од Европа. Истрагата резултира со идентификување на речиси 400 осомничени и апсење на повеќе од 50 лица.
Европол, исто така, се здружи со УЕФА во 2014 година, кога двете организации потпишаа меморандум за разбирање, со цел да се зајакне борбата против местењето натпревари во европскиот фудбал. Во таа насока, на ЕП 2016, Европол и УЕФА формираа работна група со француската полиција и Министерството за правда, француската управа за онлајн коцкање АЈРЕЛ, мониторинг-партнерот на УЕФА, „Спортрадар“, и француската државна лотарија. Резултатот беше позитивен, без загриженост за интегритетот во однос на ниту еден натпревар.
Сите овие црни дамки на спортот, како дисциплина што треба да биде забавна и привлечна за учесниците и за гледачите, претставуваат сериозни предизвици за полициските власти низ светот.
За жал, и во овој случај, повторно се докажува фактот дека онаму каде што има многу пари, криминалните организации, па и поединците што сакаат да го искористат моментот и да заработат, ќе направат секакви обиди да добијат сериозна корист од тоа.

[email protected]