Фото: Игор Бансколиев

Исклучителен играч. Противниците мора да ги преиспитаат својата структура и формацијата. Килијан е поддржан од други играчи, кои се исто толку опасни како него, но го ослободуваат да ја игра својата игра. Тој имаше цел да игра на СП и на Франција ѝ треба Килијан, изјави францускиот селектор Дидие Дешам, по победата на актуелниот светски првак на мечот со Данска со 2-1 и пласманот во осминафиналето на СП 2022

ФУДБАЛ – КИЛИЈАН МБАПЕ ПОСТИГНА ГОЛ НА ТРЕТ МЕЧ ВО НИЗА НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Килијан Мбапе постигна гол на трет натпревар по ред на фудбалските светски првенства (СП), откако со два погодока му донесе победа на актуелниот светски првак Франција на мечот со Данска, со 2-1, во второто коло на групата Д на СП 2022. Тој постигна по еден гол и во првото коло пред неколку дена и во финалето на СП во 2018 година.
– Исклучителен играч. Тој има способност да биде одлучувачки, да се издвои и да ја направи разликата. Противниците мора да ги преиспитаат својата структура и формацијата. Килијан е поддржан од други играчи, кои се исто толку опасни како него, но го ослободуваат да ја игра својата игра. Тој имаше цел да игра на Светското првенство и на Франција ѝ треба Килијан – изјави францускиот селектор Дидие Дешам, пренесе „Би-би-си“.
Мбапе стана само вториот фудбалер што постигнал гол во три последователни натпревари на светските првенства за репрезентацијата на Франција, по Жист Фонтен, кој постигна гол во шест настапи по ред во изданието на Мундијалот во 1958 година, пишува „Скај спорт“, според статистиката на „Опта“.
– Каков играч, каква суперѕвезда. Тој ја направи разликата. Кога го имате тој човек во вашиот тим, во формата во која е, тој изгледа толку удобно и самоуверено пред голот, вие имате шанса. Тој го доби натпреварот за нив. Што и да треба да имате како напаѓач, Килијан Мбапе има сѐ. Времето на неговото трчање, разбирањето кога и како да оди – изјави, меѓу другото, поранешниот англиски напаѓач Алан Ширер за „Би-би-си“.
Оливие Жиру и Тиери Анри се изедначени на врвот со по 51 репрезентативен гол за Франција. Мбапе се приближува до рекордот со секој натпревар во дресот на Франција, откако 23-годишниот фудбалер сега има 31 погодок и е седми на листата на стрелците, заедно со Зинедин Зидан. Анри играше на четири светски првенства и постигна седум гола, но Мбапе (второ светско првенство за него) веќе ја израмни таа бројка, што е и еден помалку од Лионел Меси (Аргентина) и од Кристијано Роналдо (Португалија), пишува „Би-би-си“.
По некомплетното трето коло на годинашниот Мундијал на листата на стрелците со по три гола поведоа Мбапе и Енер Валенсија од Еквадор.


Франција прв осминафиналист, чека противник од групата Ц

Светскиот фудбалски првак Франција стана првата репрезентација што обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство во Катар, откако ја совлада и Данска, а претходно славеше и на мечот со Австралија, во групата Д. По две кола во таа група, Франција има шест бода, Австралија три, Данска и Тунис по еден.
Светскиот првак има големи шанси да остане на првото место, може да биде втор само ако загуби во третото коло, Австралија да победи, со тоа што по третото коло вкупната гол-разлика на Австралија да биде подобра од таа на Франција (сега Франција има плус четири, а Австралија минус два). Групата Д во осминафиналето вкрстува со групата Ц, во која се Полска, Саудиска Арабија, Мексико и Аргентина.
Првпат по 2006 година актуелен светски првак ја поминува групата и се пласира во осминафиналето (претходно во групната фаза натпреварувањето го завршија три актуелни светски прваци, Италија на СП 2010, Шпанија на СП 2014 и Германија на СП 2018).
Франција е само петтиот актуелен светски фудбалски шампион што победил на првите два натпревара на турнирот на кој ја брани титулата, по Италија во 1938 година, Уругвај во 1954 година, Бразил во 1998 година и одново Бразил во 2006 година.