Фото: Архива

Припадник на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, учествувал во инцидент што се случил ноќеска во угостителски објект, пришто нападнат бил полицаец. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи (МВР), станува збор за полицаец кој не бил на должност и физички нападнал колега. Во врска со инцидентот се огласи и партијата, соопштувајќи дека учесникот во инцидентот веднаш ќе биде отстранет од обезбедувањето на Мицкоски, додека осуда за случувањата стигна и од техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. За настанот веднаш бил известен надлежен јавен обвинител.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ноќеска 40 минути по полноќ во угостителски објект на подрачје на скопската општина Центар, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го привеле И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал колега кој извршувал службени дејствија.

– Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава – се наведува во соопштението од полицијата.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, го осуди инцидентот во кој е бил нападнат полициски службеник при извршување на своите работни активности, од страна на припадник на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Во однос на инцидентот кој се случи изутринава пред угостителски објект на територија на СВР Скопје, а во кој се инволвирани полициски службеници, сакам да ја известам јавноста дека најостро осудувам секаков вид на насилство, а особено кога истото е сторено од страна на вработени во министерството за внатрешни работи – напиша на Фејсбук, Тошковски.

Тој додаде дека за настанот веднаш бил известен надлежен јавен обвинител кој дал насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во министерството побарал да се постапи максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури, сè со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ објави дека обезбедувачот ќе биде отстранет од работното место поради инцидентот.

– Лицето кое учествувало во инцидентот веднаш ќе биде отстрането од обезбедувањето, бараме органите без задршка да постапат и казнат секакво насилство – велат од ВМРО-ДПМНЕ откако беше објавено дека припадник на обезбедувањето на Христијан Мицкоски учествувал во инцидент во скопски локал синоќа, пришто нападнат бил полицаец.

Споменатото лице за кое медиумите известуваат дека било дел од инцидент е ангажирано како дел од обезбедувањето, но истото не е шеф на обезбедување на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истакнуваат од партијата.

– Од она што ни е познато е дека станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници – додаваат од партијата.