Фото: МИА

Барам од судот да ме казни за она што реално сум го направил, а тоа, според мене, мислам дека и според многу други, секако не е убиство со умисла, изјави обвинетиот Анџело Ѓоргиевски, во своите завршни зборови за случајот со убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот.

Обвинетиот Ѓоргиевски рече дека во ниеден момент не сакал да го повреди, или како било да му наштети на сега починатиот Денис Тот.

– Воедно, сакам да кажам дека изразувам искрено жалење и жалам за овој немил настан и за сето тоа што се случи, жалам и за загубениот човечки живот. Сакам уште еднаш да потенцирам дека мојата реакција беше во состојба на афект и од страв. Ниту сакав, ниту би го повредил сега починатиот Денис Тот – рече тој.

Адвокатот посочи дека лицето кај кое постои умисла некој да биде повреден или уште помалку лишен од живот, не би се однесувал како обвинетиот Костовски.

– Андреј во моментот кога констатира дека Денис Тот не е закана кон него и неговото здравје, се повлекува и се оддалечува. Факт кој што јасно укажува дека не постои апсолутно никаква умисла ниту за нанесување на повреда, а уште помалку за ова, рече Миланов.

Неговиот адвокат, Еленко Миланов, тврди дека факт е дека ниту едно од овие дејствијата на обвинетиот Андреј ниту довело, ниту можело да доведе до клучните повреди за настанувањето на смртната последица кај сега починатиот Тот.

– Доктор Станков и другите вешти лица од судска медицина, се децидни само во еден дел дека повредата на рбетниот мозок можела да настане од удари во главата. Удари какви со интензитет за нанесување на евентуално таква повреда не постои кај обвинетиот Андреј – рече тој.

Обвинетата Клементина изјави дека останува во целост со завршните зборови на нејзините адвокати и рече дека ѝ е жал за случајот, за кој, како што рече, „во никој случај не сакав да се случи тоа“.

– Многу ми е жал и многу ми е криво за немилиот настан што се случи – рече обвинетиот Андреј Костовски кој како олеснителна околност го посочи фактот што самиот се пријавил во полициската станица за расветлување на случајот.

Ослободителна пресуда денеска побараа и бранителите на обвинетите, додека, јавната обвинителка Тања Трајчевска побара осудителна пресуда.

Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ. Пресудата ќе биде објавена на 30 ноември.