Фото: МИА

Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски смета дека Советот при изборот на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бил во рамки на законот и колку што тој дава можност. Советот на ЈО, како што посочува Јолевски, го спроведе она што е пропишано. Тоа е системско решение, кое Јолевски, рече дека немаат влијание да го сменат и кое, како што рече, било донесено без да се имаат предвид сите забелешки, односно предлози од Советот.

Прашан дали како Совет на ЈО чувствуваат некаква одговорност за изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК, особено по острите тонови од меѓународната заедница, Јолевски рече дека не може да коментира изјави на странски дипломати, но посочи дека тие треба да бидат упатени кон политиката, а не кон судството.

–  Тоа прашање треба да се упати кон некој друг, кој ги носи или предлага законите, ние ги спроведуваме законите. Мислам дека во рамки на она што ни е дадено како можност да спроведеме, спроведуваме онака како што е пропишано. Надвор од тоа не сме излегле, ниту пак сме оставиле простор да не биде запознаена јавноста, онолку колку што ние имаме можност – изјави Јолевски.

Во однос на делот од прашањето дали Советот чувствува некаква одговорност за изборот, Јолевски рече дека Советот на ЈО и не бил вклучен во делот за избор, во ниту една фаза.

– Советот и не беше вклучен во делот на избор, во ниту една фаза. Ниту можеше да дава мислење, било тоа позитивно или негативно, како што дава мислење за изборот на Јавен обвинител на РСМ. Тука веќе имаме надлежност и даваме мислење. Кај изборот на обвинител на ОЈО ГОКК, исклучени сме од секакво мислење – изјави Јолевски.

Тоа е системско решение, кое, како што рече, немаат влијание да го сменат, нагласувајќи дека она што како мислење и предлог од Советот на јавни обвинители било испратено до Министерството за правда, ништо не влегло во одредбите од законот.

– Се донесоа и Закон за јавно обвинителство и Закон за Совет на јавно обвинители, односно измени на законот, без да се имаат во предвид сите забелешки, односно предлози и од Советот, па и од работната група која беше формирана за изготвување на тие предлог закони. Дојде сосема друг текст, кој и нас ни е збунувачки и не е во ред и треба да се доработи, меѓутоа тоа е системско решение – изјави Јолевски.

Во однос на неизборот на двете јавни обвинителки во ОЈО ГОКК, а кои потоа беа вратени во тоа обвинителство, Јолевски рече дека тој лично немал сознанија за тоа, но доколку е така, тоа, според него не е во ред.

– Не е во ред да бидат вратени оние кои не сме ги избрале, меѓутоа ако се вртени, е прескокнат Советот. Тука не требаше да биде прескокнат Советот на ЈО. Како и да е, не можам и немам тука овластување, ниту можеме да вршиме влијание врз јавниот обвинител, кој ја има исклучиво таа надлежност – изјави Јолевски.

Тоа, појасни Јолевски, порано беше регулирано со Законот за советот дека ние го вршиме упатувањето, но таа надлежност беше одземена со новиот Закон за јавно обвинителство.

Прашан дали е став на Советот на ЈО дека има доволен број на обвинители во ОЈО ГОКК, Јолевски рече дека став на Советот е дека според извештаите кои им се достапни, со десет обвинители би можеле да функционираат како што треба, меѓутоа прашањето треба да се преиспита бидејќи сега има нов шеф таму и очекуваат да видат според месечните извештаи и резултати каква е состојбата.

– Да се види колку обвинители би требало да се пополнат во тоа обвинителство. Дали ќе биде со четири, пет или помалку, тоа е сепак работа на оној, кој ќе треба да менаџира. Ние ценејќи ги извештаите, утврдивме дека, прво полицискиот оддел работи многу малку. Има околу 90 предмети годишно, а тројца обвинители се. Затоа и ги спомнавме, бидејќи во други обвинителства, сам обвинител работи по бројни предмети во споредба со организиран. Треба да се изменаџира, да видиме дали е до тоа или треба плус обвинители. Сепак, тие имаат специфични, тешки предмети. Таму може еден предмет да вреди колку педесетина други – изјави Јолевски.

Во однос на тоа дека по систематизација во ОЈО ГОКК е предвидено да има вкупно 17 обвинители и дека во таков случај би требало да се промени, Јолевски рече дека систематизацијата сегде треба да се корегира, бидејќи тие никогаш немале доволно обвинители за да ги пополнат сите места за да видат дали е тој оптимален број или не.