Откако Јавното обвинителство (ЈО) беше известено од МВР за случајот со подигањето на мртовецот од инфективното одделение при струмичката болница, веднаш издаде насоки да се извршат проверки. Полицијата моментно постапува по дадените наредби, при што го испитува медицинскиот персонал и работи на утврдување на идентитетот на тие што го подигнале телото, известија повеќе медиуми повикувајќи се на изјави на портпаролката на ЈО, Елизабета Недановска.

Според првичните сознанија на Обвинителстото, немало насилство кон медицинскиот персонал од лицата кои го подигнале телото, ниту, пак, кршење или уништување на инвентарот или на медицинската опрема.

Досега е утврден идентитетот на три лица кои учествувале во инцидентот. Допрва треба да се собере потребната документација по што до Обвинителството ќе биде поднесена кривична пријава.

СВР Струмица во координација со јавен обвинител презема мерки за целосно расчистување на настанот. За утре е најавен состанок на Локалниот совет за превенција на Струмица, по вчерашните инциденти.