Државниот инспекторат за транспорт извршил четири контролни надзори на компанијата „Беса транс“ во текот на 2021 година. Контролите се извршени на еден или два автобуси што имале лиценца. За секој автобус имало извод на лиценца, а за овој автобус не бил затекнат, вели директорот на Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ), Руфи Хусеини во емисијата „24 анализа“.

Тој информира дека контролите на компанијата биле поради ковид-протоколите и тие претежно се фокусирале на тие прекршоци.

– Немало пропуст. ДИТ нема постојан престој на границата. Ние одиме по месечен план. Според Законот за превоз во патниот сообраќај, Царината има овластувања на граничните премини да врши надзори и да ги контролира лиценците и изводите. Ако таа открила тој ден дека автобусот нема лиценца, виновна е за овој случај. Ние не знаевме колку автобуси има компанијата и со колку ќе оди – рече Хусеини.