Обвинетиот поранешен градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, се појави на денешното рочиште за случајот „ТНТ“, каде е обвинет за незаконско уривање на објектот „Космос” на бизнисменот Фијат Цановски. По неколку одлагања поради тоа што се жалеше на неговата здравствена состојба, Трајковски пред судијата Огнен Ставрев рече дека здравјето му се подобрува, иако сè уште не е во добра состојба.

– Полека полека се подобрува ситуацијата. Не сум како што треба. Сè уште имам боледување од комисијата, но ќе го следам рочиштето за да не се одлага. Во ваква ситуација не би сакал никој да се најде, а беше нешто ново за мене – рече Трајковски.

„Добро изгледате”, му рече судијата Ставрев, на што, Трајковски одговори со: „Ви благодарам на комплиментот”.

Адвокатот Мерџан Даути, бранител на Елисавета Најдовска, на почетокот од рочиштето бараше превод на албански јазик на сите докази доставени до судот.

Ставрев рече дека на сите рочишта ќе има симултан превод, а листата на докази ќе ја добие преведена на албански.

Во предметот „ТНТ“ обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот премиер, Никола Груевски. Првото рочиште се одржа на 24.1.2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет, процесот се врати од почеток.