Ване Костуранов е сликар и илустратор, роден 1979 година во Струмица. Активно се занимава со сликарство дваесетина години. Учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и 12 самостојни. Ване Костуранов е автор и на сликовниците „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“, кои се добитници на први награди за најдобро ликовно-графички уредено издание, на Саемот на книгата во Скопје во 2018 и 2019 година, а деновиве од печат треба да излезе и неговата последна сликовница „Девојчето и градот“. 

Спомените од детството се…
– Спомени на безгрижноста, на радоста, на играта, на семожното…

Најголем/најдобар критичар ти е…
– Мојот најголем критичар е жена ми, а најдобар, без конкуренција, ми е сопругата.

Традицијата значи…
– Обид за трајност, најчесто за работи што е природно да се менуваат.

Остар си во ситуација на…
– Кога треба да пресечам.

Светот без пријателство е свет…
– Кој е непријателски настроен.

Би се чувствувал како да не постоиш кога…
– Би престанал да чувствувам.

Имаш почувствувано дека си „пораснал“ во ситуации на…
– Во ситуации кога сфаќаш дека безгрижноста станала само спомен.

Најголема движечка сила е…
– Љубовта. Колку тоа патетично и да звучи.

Најважно на светот е…
– Во моментот има два света што ми се најважни, се викаат Ава и Максим.

Злосторство без казна значи…
– Дека живееш во Македонија.