Фото: Приватна архива

Снежана Стојчевска е македонска поетеса, која во 2012 година ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на „Или или“. „Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели мугри“ во 2013 година, која ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга „Модри фантазии“ во издание на издавачката куќа „Темплум“. Нејзината четврта книга, „Треба да е лесно“, излезе во 2017 година во издание на издавачката куќа „Антолог“. Книгата „Ќе се завијам во песни“ ја издаде со книгоиздателство „МИ-АН“ во 2019 година.
Застапена е во повеќе антологии на младата македонска поезија. Таа е редовен учесник на поетски манифестации во земјава и странство. Работи како извршен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“. Стојчевска е член на Друштвото на писатели на Македонија.

Големи се оние што…
– Оние што создаваат културни и општествени добра, а притоа успеваат да останат нормални луѓе. Најголем успех во денешно време е да останеш здрав во умот и телото, сѐ друго е фикција и лага. Сѐ е минливо и ништо не е наше, дури ни нашето тело. Зад нас останува само нашето дело, што сме или не сме го направиле, колку срца сме допреле, колку животи сме подобриле.

Треба да е лесно и кога не е лесно затоа што…
– Животот е убав и вреди да се живее до последен здив, со сите сетила, без задршка. Треба да си дозволиме да почувствуваме и радост и страдање, затоа што само така можеме духовно да растеме. Ако е лесно ќе останеме таму каде што сме, на исто духовно и енергетско ниво. Има многу луѓе што искусуваат животопредизвикувачки ситуации, но сепак остануваат заглавени, затоа што срцата и/или умот им се затворени.

Попуштаме нервно кога…
– Сме под постојан притисок од негативни вести, затворени, изолирани или гладни (физички и/или духовно).

Бирократијата ја измислиле луѓе што…
– Не се креативни, па мора да измислат нешто за да се чуствуваат продуктивни.

Темнината е нужна затоа што…
– За да ја истакне светлината и да ни покаже дека треба да се движиме во спротивната насока.

Се завиваш во песни секојпат кога…
– Ми е потребно да заминам на сигурно место.

На импулсивноста ѝ се простува во ситуации на…
– На пријателство и љубов. Таму каде што има љубов и страст има и импулсивност која може или не може да се исконтролира. Импулсивноста може да биде симпатична, ако може да се заузда. Ако излезе од контрола импулсивноста може да премине во агресивност, а тоа е на штета на сите инволвирани.

Конфликтот со себе е продуктивен секогаш кога…
– Се натпреваруваш сам со себе.

Животните знаците е неопходно да се читаат затоа што...
– Без интуицијата сме роботи.

На човекот му е потребна љубов, а на човештвото…
– Многу љубов или чоколадна торта.

фото: Приватна архива