Давор Стојановски е романсиер, поет, преведувач и музичар. Има магистрирано на Филолошкиот факултет во Скопје. Негови романи се „Ненасловена месечева соната“ („Или-или“, 2013), „Собирачи на пепел“ („Или-или“, 2016), „Утеха за голите“ („Или-или“, 2018). Добитник е на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2016 година за неговиот роман „Собирачи на пепел“. Деновиве треба да излезе од печат и неговиот четврт роман „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ („Или-или“).

Пишува во речиси сите книжевни жанрови. Дел од неговото творештво е објавен во домашни и во странски антологии и книжевни списанија.

На лагата (не) ѝ простуваш само во случај на…
– Злонамерна злоупотреба.

Голите можат да се утешат само кога…
– Ќе откриеме каква е природата на нивната соголеност и што точно ја предизвикува.

Човекот е моногамно суштество затоа што…
– Чувствува дека секојдневјето е најподносливо кога го споделува со човекот во кого се впишува.

Човекот е полигамно сушество затоа што…
– Чувствува дека секојдневјето е најподносливо кога го впишува во човекот со кого го споделува.

Во животот понекогаш посакуваш deus ex machina – решение во ситуации на…
– Безизлезна животна опасност.

Неподносливо ти е да ги гледаш во очи луѓето што…
– Секогаш ги гледам луѓето во очи, тоа е најмалку неподносливо од кое било соочување.

Не спиеме мирно затоа што…
– Живееме во кошмарот на будноста.

Човекот е смешен кога…
– По секоја цена мисли дека може или мора да насмее некого.

Вреди да се живее за…
– Да му се даде печат на самиот живот; за да се засведочи неповторливоста на постоењето; за сите мали нешта што еднократноста на мигот ја претвораат во вечност; за сојузот меѓу човекот, природата и уметноста.

Вреди да се умре за…
– Не знам дали има нешто за кое вреди да се умре, вредностите му припаѓаат само на животот. Можеби вреди кога умирањето би се анулирало. Вреди кога животот ќе се спаси. И кога некому би му се подарил на сметка на сопствениот.