Српските власти ни испратија четири хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата, објави на социјалните мрежи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Голема благодарност до Република Србија, која повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко и до министерот Александар Вулин лично, за денешната посета, поддршка и помош за Република Северна Македонија, за нашите граѓани – особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа ние сме со нашите граѓани – порача Спасовски.

Министерот нагласува дека благодарение на функционалноста на системот и на професионалноста на службите (пожарникарите, полицијата, армијата), но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, ситуацијата е ставена под контрола.

– Будно ја следиме состојбата, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва ќе стигнат од нашите пријатели и сојузници. Материјалната штета повторно заеднички ќе ја надоместиме, а безбедноста на граѓаните останува наш најголем приоритет – посочи министерот Спасовски на социјалните мрежи.