Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска вели дека постоеле индиции оти Бојан Јовановски, познат како Боки 13, се обидел да избега, па затоа бил задржан на граничниот премин Богородица. Таа потврди дека е одредена мерка притвор за Јовановски и Милевски во траење од 30 дена.

– Сведокот поднесе кривична пријава кај нас и е сослушан. Потоа беше повикан уште еднаш, за да ја дополни кривичната пријава. И други лица се сослушани во својство на сведоци – рече Русковска, запрашана за својството на сведокот во постапката.

Русковска нагласи и дека Обвинителството обезбедило снимки од разговорите меѓу осомничените и сведокот.

– Обележани пари немаме, но имаме обезбедено снимки од разговори, но и видео-снимки. Вршени се претреси кај првоосмничениот дома и кај неговите родители, кај второосомничениот дома и од јавниот обвинител е одземен телефон. Извршен е претрес и во канцеларија која ја користел првоосомничениот – додаде Русковска.

Телефонот од обвинителката Катица Јанева бил одземен за да се види комуникацијата меѓу неа и првоосомничениот Боки 13.

– Засега, обвинителките нема зошто да бидат изведени пред судија. Постапката е отворена за да се види кој се е инволвиран во целиот настан – рече Русковска.

Русковска се надева во понатамошниот тек на истрагата, истата ќе се прошири.

– Пред судија на претходна постапка, осомничените се произнесоа за мерката притвор, дали има основа за истата или нема. Одбраната ќе ја дадат во Јавното обвинителство кога ќе бидат повикани – истакна Русковска.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал вели дека доколку осомничените имаат имот, за кој нема да можат да докажат како го стекнале, тој ќе биде одземен.

– Донесена е наредба за истрага. Се води и финансиска истрага. За цел имот што го поседува било кој од осомничените, а за кој нема да можат да го докажат потеклото, односно од каде им е, Обвинителството во обвинителен акт ќе бара одземање на тој имот – рече Русковска.