Пожарот во Кочани е локализиран благодарение на професионалноста на пожарникарите, на помошта која стига од целата држава и на солидарноста на граѓаните, соопшти премиерот Зоран Заев преку неговата официјална фејсбук-страница, додавајќи дека безбедноста на граѓаните била на прво место и оти до овој момент нема пријавени лица со изгореници.

Заев нагласи дека тој и министерот за здравство Венко Филипче ќе останат во Кочани цела ноќ, додека во Кумановско веќе се вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Упатувам благодарност до граѓаните што помагаат и до претставниците на медиумите што известуваат навремено, точно и одговорно – напиша Заев.

Тој објави и дека се очекува помош од Бугарија и од Србија, откако тој и претседателот Стево Пендаровски разговарале телефонски со српскиот претседател Александар Вучиќ и со бугарскиот премиер Стефан Јанев, односно со бугарскиот претседател Румен Радев.

Утре наутро очекуваме помош од соседите. Претседателот Стево Пендаровски се слушна со претседателот на Бугарија Радев, а јас се чув со претседателот на Србија Вучиќ и со премиерот на Бугарија Јанев. Будно ја следиме состојбата, нема паника, ситуацијата е под контрола, поголем дел од пожарите се локализирани – напиша премиерот.

Апелирам за одговорно споделување точни информации од страна на граѓаните преку социјалните мрежи и преку медиумите. Безбедноста на луѓето на прво место, заклучува Заев.