Третообвинетиот напаѓач на Никола Саздовски – Саздо, Јетон Љужа, вчера бил уапсен во германскиот град Хамбург и се наоѓа во екстрадиционен притвор, потврдуваат од МВР. Обвинителството го гони Љужа за кривично дело убиство на свиреп начин.

Германската полиција ги известила македонските надлежни органи дека лицето за кое беше распишана меѓународна потерница како осомничен за убиството на Саздо е фатено и приведено.

Судот треба да испрати известување до македонското Министерство за правда од каде потоа треба до земјата во која е фатен, да ги испратат доказите за обвинението за кое се гони бегалецот и да започне постапка за екстрадиција.

Првите двајца обвинети, Бесир Беља и Скендер Демири, за ова дело веќе се осудени на по 19 години затвор.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Љужа на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули 2018 година почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.