Белорусинка приведена на пасошка контрола

Дваесет и двегодишна жена од Белорусија била уапсена на граничниот премин „Меѓународен аеродром – Скопје“, затоа што при пасошката контрола било констатирано дека таа престојувала во земјава повеќе од законски дозволениот рок. Таа туристички била на посета во земјава, за што законот дозволува престој до 15 дена, а таа го надминала рокот за девет дена. Против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

Албанец се обидел да помине граница со туѓ пасош

На граничниот премин Табановце, при пасошка контрола на П.К. (22) од Албанија, полицискиот службеник се посомневал дека патната исправа не е на лицето што ја приложило за пасошка контрола. Од извршениот разговор тој за себе ги дал податоците дека е К.Г. (21) од Албанија, по што бил приведен и предаден на полициски службеници од СВР-Куманово за понатамошна постапка.

Жена возач удрила во бандера

На улицата Тодор Александров во Скопје, патничко возило „фолксваген поло“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Г. (40) од Скопје, удрило во бандера и ограда. Во незгодата А.Г. добила тешки телесни повреди, по што била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР-Скопје.

Прегазен велосипедист на булеварот Киро Глигоров

Вработените од комплексот клиники „Мајка Тереза“ пријавиле дека кај нив бил донесен велосипедист со тешки телесни повреди, кој бил повреден во сообраќајна незгода. Велосипедистот Д.В. (62) од Скопје бил повреден во незгода на булеварот Киро Глигоров. Според пријавеното, додека Д.В. управувал велосипед, движењето му било попречено од непознато возило и паднал. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР-Скопје.

Возило излетало од патот кај Непроштено

На регионалниот пат Јажинце – Тетово, кај селото Непроштено, автомобил „даеву тико“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од Ј.Д. (26) од селото Непроштено, излетало од патот. Во незгодата, тешки телесни повреди добила сопатничката Џ.Д. (53) од истото село, а телесни повреди добил и возачот, по што биле пренесени во Клиничката болница Тетово за укажување лекарска помош.