По вчерашните обвинувања од родител за нехуманиот третман на 17-годишното момче со аутизам во Психијатриската болница во Демир Хисар, денеска со реакција излегоа и од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници (МЗМП) од каде велат дека се згрозени од наводите.
Од Хелсиншкиот комитет и Македонското здружението на млади правници велат дека ќе поднесат претставка до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го испита случајот во рамките на своите надлежности, а во следниот период ќе спроведат мониторинг посети во сите психијатриски установи во земјата.
Во реакцијата се вели дека наводите кои излегоа во јавноста ја покажуваат крајно загрижувачката состојба во психијатриските болници, особено кога се работи за насилство и несоодветно и нехумано постапување кон пациентите.
-Шокантни се сознанијата дека луѓето се изложени на крајно нехуман третман што е спротивно на сите меѓународни принципи и стандарди, закони и меѓународни конвенции – се вели во реакцијата од Хелсиншки комитет и МЗМП.
Оттаму велат дека нехуманото постапување и малтретирање на пациентите во болницата во Демир Хисар го има нотирано Европски комитет за спречување на тортура и нечовечки или понижувачко постапување или казнување (CPT)во извештајот за Македонија: „Комитетот мора да ја изрази својата сериозна загриженост за веродостојните наводи од пациенти на различни одделенија кои биле врзувани за кревет со метални синџири и катанци. Таква практика не е прифатлива и се смета за нечовечко и понижувачко постапување“.
Во реакцијата од Хелсиншки комитет и МЗМП се наведува дека и Народниот правобранител, во Извештајот за 2022 година, го потврдува нехуманото постапување.
Од Хелсиншки комитет и МЗМП упатуваат апел до сите граѓани кои имаат сознанија за слични случаи на нехуман однос на институциите да пријават и да добијат бесплатна правна помош.
Вчера, мајка на дете со аутизам во изјава за медиуми изјави оти нејзиниот 17-годишен син бил нехумано третиран во Психијатриската болница во Демир Хисар. За таквиот третман, како што изјави таа, сведочат раните и модриците по телото од синџирите со кои бил врзуван.
По случајот со врзување на момче со аутизам, ДСЗИ ќе спроведе надзор во „Демир Хисар“
Од Психијатриската болница „Демир Хисар“ одговорија дека лекувањето е согласно медицина базирана на докази и дека во одредени ситуации е неопходно физичко ограничување на пациентите. Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера рече дека нема ништо спорно во овие методи и вели дека се дел од протоколите за да им се даде терапија на пациентите.