ДВЕ ГОДИНИ НОВА ЕНЕРГЕТСКА ВИЗИЈА: МИНИСТЕРСТВОТО ШТО ГО ПОСТАВИ ДОМАШНОТО ПРОИЗВОДСТВО ВО ЦЕНТАРОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ РАЗВОЈ
Кога групацијата Светска банка деновиве предупреди дека потрошувачката на електрична енергија во Македонија до 2040 година ќе се зголеми за дури 26 проценти како последица на новите технологии, стана јасно дека прашањето на енергетиката одамна престана да биде само секторска тема. Денес енергетската сигурност е прашање на економска стабилност, национален развој и државен суверенитет. Токму затоа формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини претставуваше стратешка одлука што ја препозна иднината уште пред предизвиците целосно да се појават на хоризонтот. По две години од неговото формирање, резултатите покажуваат дека државата доби институција што не само што ги координира енергетските политики туку и активно го обликува новиот развоен модел на македонската економија.
Од визија кон конкретни резултати
Во изминатите две години Министерството успеа значително да ги прошири и светогледот и капацитетите на македонската енергетика. Наместо енергетските прашања да се третираат како изолирани административни процеси, тие денес се дел од една поширока развојна стратегија што ги поврзува економскиот раст, инвестициите, индустрискиот развој и животниот стандард на граѓаните. Домашното производство на електрична енергија денес е поставено на пиедестал заедно со најважните политички и економски проекции на државата. Без ваков приоритетен третман не би можело да се зборува за вистински национален развој, ниту за долгорочна економска отпорност во услови на глобални енергетски неизвесности. Еден од најзначајните исчекори е создавањето современа законска рамка што треба да го трасира развојот на секторот во наредните децении. Како што истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, новиот Закон за енергетика, донесен во 2025 година, ја постави Македонија во рамка за развој на обновливите извори на енергија, системите за складирање енергија и организираните пазари. И, ова не е само нормативна промена. Станува збор за перспективи врз кои ќе се гради енергетската иднина на државата, со јасна визија за поотпорен, поефикасен и поконкурентен домашен енергетски систем, во кој има место и за алтернативни опции што нема да дозволат загрозување на енергетската независност што станува национален приоритет.
Енергетските извори како двигател на развојот
Процените на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) јасно покажуваат дека Македонија располага со значителен потенцијал за проширување на домашното производство на енергија и зајакнување на сопствената енергетска независност. Очекуваниот раст на потрошувачката бара нови производствени капацитети, нови технологии и нов пристап кон управувањето со енергетските ресурси. Токму во таа насока Министерството успева да создава услови за отворање нов инвестициски циклус, кој ја претвора енергетската транзиција во економска можност. Пренесените пораките од ИФЦ во јавноста беа повеќе од јасни, а тоа е дека и приватниот капитал ќе има клучна улога во идниот развој на македонската енергетика. Претставниците на организацијата ИФЦ потенцираа дека инвестициите во производство, пренос и складирање енергија се неопходни, а интересот на инвеститорите е значителен. Во таа насока особено е важна посветеноста на Владата и Министерството за создавање предвидлива деловна средина, поедноставување на процедурите и отворање простор за нови модели на јавно-приватно партнерство. Ваквиот пристап носи не само капитал туку и современи знаења, нови технологии и забрзана реализација на развојните проекти.
– Енергетиката станува двигател на економската трансформација на секоја држава. Домашната енергетика и производство, пак, стануваат двоен двигател на домицилната држава. Но, исто така, целта е македонскиот пазар поефикасно да се интегрира со регионалните и европските пазари на електрична енергија, што ќе донесе поголема ликвидност, подобро управување со ризиците и повисока доверба кај инвеститорите. Таквиот процес директно влијае врз конкурентноста на стопанството, врз привлекувањето нови инвестиции и врз отворањето работни места со повисока додадена вредност – велат нашите соговорници.
Министерство што ја отвора следната развојна деценија
Две години по неговото формирање, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потврдува дека беше неопходен институционален чекор за државата. Со креирањето нова правна рамка, со отворањето на пазарот кон инвестиции, со забрзаното усогласување со европските стандарди и со поставувањето на домашното производство како врвен национален приоритет, Министерството ја отвора следната развојна деценија на Македонија. Опциите денес се пошироки од кога било. Се создаваат планови и програми за долгорочен енергетски развој, а секој нов мегават произведен дома значи повеќе сигурност за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и посилна економија за државата. Енергетиката повеќе не е само инфраструктура. Таа станува темел на националниот развој. А токму новото министерство ја презеде улогата да го води тој процес, со визија, со одговорност и со амбиција Македонија да стане енергетски независна, поотпорна и поуспешна држава. Отворено е широко поле за работа, следува фокусирање на приоритетите и остварување на мисијата за висока енергетска независност, визија што ја има Министерството, со поддршка на домашните експерти, професори и енергетичари чие знаење и вештини се од светски ранг. Е.Р.


































