Фото: Пексел

Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија го објавува конкурсот за годишната награда „Ладислав Баришиќ“, наменета за необјавен авторски текст од областа на современата визуелна уметност, визуелната култура и критичката теорија.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941–1991), историчар на уметност и ликовен критичар чие дејствување остави значаен белег во македонската културна јавност. Неговите текстови се препознаваат по аналитичноста, интелектуалната независност и доследната критичка позиција кон уметничките и општествените појави на своето време.
– Во услови на сè помал простор за аргументирана и аналитичка критика, наградата има цел да поттикне современи форми на критичко пишување и да афирмира авторски текстови што нудат нови читања на уметноста, културата и општеството. Право на учество имаат историчари на уметност, ликовни критичари, куратори, теоретичари, истражувачи, уметници и автори од сродни дисциплини што во својата работа се занимаваат со современата визуелна култура. На конкурсот може да учествуваат државјани на Република Северна Македонија, како и странски државјани што живеат и работат во земјата најмалку една година. Право на учество немаат членовите на Управниот одбор на АИКА Македонија – велат од здружението.

На конкурсот може да се пријават необјавени авторски текстови напишани на македонски или англиски јазик. Текстовите може да обработуваат теми поврзани со: современата визуелна уметност, визуелната култура, критичката теорија, кураторските практики, музеите и институциите, културните политики, јавниот простор, архивите, меморијата и наследството, како и други прашања релевантни за современата уметност и култура. Прифатливи се критички есеи, теориски анализи, истражувачки текстови и други форми на авторско критичко пишување. Наградениот текст ќе биде јавно претставен во рамките на годишниот симпозиум на АИКА Македонија и објавен на платформите на здружението. Конкурсот е отворен од 15 јуни до 15 јули.

АИКА Македонија ја препознава критиката како простор на интелектуална слобода, јавна одговорност и активен однос кон современата уметност и култура. Наградата „Ладислав Баришиќ“ има цел да ги поддржи авторите што преку своите текстови придонесуваат кон развојот на критичката мисла и јавниот дијалог во областа на визуелните уметности.