Фото: Влада / Архива

Ако истрагите на Европската служба против измами – ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, изјави денеска во Битола Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија, одговарајќи на новинарско прашање на МИА.

Амбасадорот Гир потврди дека Европската служба против измами (ОЛАФ) со седиште во Брисел подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотребата на европските фондови.

-Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Северна Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Ја потврдувам бројката, но не ги знам деталите во врска со самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство, и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску – изјави амбасадорот Гир.

За време на посетата на Битола, амбасадорот Гир предочи дека луѓето кои што ги злоупотребуваат парите на европските даночни обврзници тие всушност ги мамат и граѓаните на Македонија.

Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите членки на Европската Унија и за други држави кориснички во последните пет години отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан за злоупотреба или неправилности поврзани со европските фондови, од кои 18, како што пренесе Еуроњус Албанија, се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во земјава. ОЛАФ подготвила седум препораки за европските институции и за македонските власти. Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки.