Фото: Официјален Фејсбук-профил на вицепремиерот задолжен за европски прашања

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која штотуку пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје.

-Добредојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од каде ја започнува турнејата низ Западен Балкан. Посетата е позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и е во клучен момент за нашиот евроинтегративен процес – напиша Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Тој наведува дека „имаме важни прашања кои треба да ги отвориме за реформите и обврските пред завршувањето на скрининг процесот и пред објавата на годишниот Извештај за напредокот за 2023 година“.

Фото: Официјален Фејсбук-профил на вицепремиерот задолжен за европски прашања

-На утрешниот состанок очекувам корисна и плодна дискусија фокусирана на следните чекори и планови за брз напредок кон полноправно членство во ЕУ – стои во објавата на Фејсбук профил на вицепремиерот Маричиќ.

Претседателката на Европската комисија вечерва ќе има работна вечера со претседателот Стево Пендаровски, а утре премиерот Димитар Ковачевски со свечена церемонија ќе ја пречека на платото пред Владата, по што ќе следува билатерален состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција.

Од Скопје, претседателката на ЕК ја започнува четиридневната турнеја низ државите на Западен Балкан, а пред да продолжи за Приштина заедно со премиерот Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и евроамбасадорот Гир, ќе посети индустрискиот капацитет за преработка на зеленчук и овошје, најголемиот корисник на ИПАРД програмата во државата.