Фото: Маја Јаневска-Илиева

На последниот, осми ден од празнувањето на празникот Ханука, еврејската заедница во Македонија синоќа одржа прослава за своите членови и пријателите на заедницата. По одржаната молитва во синагогата „Бет Јаков“, свеќите на ханукијата ги запалија Пепо Леви, претседателот на заедницата, претседателот Стево Пендаровски, министрите Бојан Маричиќ и Бисера Костадиновска-Стојчевска, монсињор Киро Стојанов, директорот на Комисијата за меѓуверски односи Даријан Сотировски, евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир и германската амбасадорка Петра Дрекслер.

Во рамки на одбележувањето на празникот, службата ја држеше хазанот од Нови Сад Владислав Траер и ја запали осмата свеќа на Ханукијата, како централен чин во одбележувањето на празникот.

Пендаровски на претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и претставниците на заедницата, им го честита празникот на светлината, посакувајќи им мир, радост и здравје.

Празникот Ханука се празнува како сеќавање на ослободителната борба на еврејскиот народ на тлото на древниот Израел против елинистичкиот окупатор, настан што се случил во 167 година пред новата ера.

Легендата раскажува како Грците го осквернавиле и Храмот и маслото кое се чувало за палење на обредните свеќи. Макабејците, ослободителите, по влегувањето во Ерусалим нашле во Храмот само еден сад со масло, кој бил доволен за горење само еден ден. Тогаш се случило чудо (Божјо) и тоа масло горело во свеќникот осум дена. Затоа Ханука се празнува осум дена. Како семеен празник, свеќниците за Ханука се палат секоја вечер во кругот на семејството и тоа првиот ден се пали една, а потоа секоја нареден ден по една свеќа повеќе. Традиционално се подготвуваат јадења пржени на масло, денес најчесто крофни.