Договорот досега беше блокиран поради Бугарија, која не се согласуваше со употребата на терминот „македонски јазик“ во текстот на договорот

Европската комисија поднесе предлог за потпишување и склучување договор меѓу ЕУ и Северна Македонија за Фронтекс.

Европската комисија предлогот за договор со граничната и крајбрежна агенција на ЕУ, Фронтекс, го поднесе на 23 септември до Советот, т.е. земјите-членки на ЕУ. Договорот досега беше блокиран поради Бугарија, која не се согласуваше со употребата на терминот „македонски јазик“ во текстот на договорот.

Во соопштението на ЕК се наведува дека предлогот ќе помогне да се зајакне капацитетот на Фронтекс во најблиското соседство на ЕУ, преку помош за властите во земјава да се справат со нерегуларна миграција, борба против шверц и засилена безбедност на надворешните граници на ЕУ.

Комисијата потсетува дека договорот со Северна Македонија ќе содржи и „силни одредби за заштита на темелните права“.