Денеска во касарната „Илинден“ во Скопје со едноминутно молчење и со испалување на 59 почесни плутони во спомен на 59-те жртви во трагичниот настан во Кочани започна одбележувањето на петгодишнината од членството на нашата земја во НАТО – Алијансата.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски пред претседателката Гордана Силјановска – Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, командантот на Командата на здружените сојузнички сили во Неапол, адмиралот Стјуарт Манч и останатите високи гости порача дека на овој ден не го одбележуваме само јубилејот од членството во НАТО, туку и нашето заедништво и меѓусебна поддршка.
– Зборовите на утеха, а уште повеќе, подготвеноста да се помогне е она кое од нас 32 земји во НАТО прави една здружена, обединета сила која е подготвена да излезе во пресрет на секоја една земја членка – рече тој.
Мисајловски истакна дека НАТО не е само воено-политички сојуз кој ги штити надворешните граници на земјите членки, туку сојуз кој има една заедничка суштина – грижата едни за други.
Министерот се осврна и на професионализмот на сите 146 припадници на Армијата кои беа ангажирани во поддршка на институциите по трагичниот настан, кои „мораа да се изборат со сопствените чувства и тагата и најпрофесионално да одговорат на задачите.“
– И секој следен пат кога ќе го споменеме зборот херој, треба гласно да ни одекнува дека Македонија ги има многу во својата историја, кои го дале својот живот, но и херои кои се секојдневно меѓу нас, подготвени веднаш да помогнат, а дел од нив се и секако припадниците на македонската Армија“, истакна Мисајловски и додаде дека „потребни ни се промени кои значат почитување на законите и градење на едно функционално, праведно и современо општество – рече министерот.
Системот може да се промени, рече министерот, само ако искрено секој од нас даде свој придонес, а секако во почитување на секое едно правило – тоа е љубовта кон татковината, да ја сакаш државата и да го почитуваш секој сограѓанин.
За придобивките од членството во НАТО, Мисајловски рече дека тоа е гарант и можност за македонската економија. Одбраната ќе продолжи со силно темпо да инвестира во модернизацијата и опремувањето на Армијата согласно највисоките стандарди на Алијансата, истакна министерот.
Претседателката Силјановска – Давкова порача дека уште од првите години на нашата самостојност и независност изграден е натпартиски консензус меѓу македонските граѓани за потребата од интеграција во НАТО како услов за создавање амбиент на мир, стабилност и просперитет на генерациите што доаѓаат.
Македонското членство во НАТО, рече претседателката, беше препознаено како врвна стратешка цел заедно со членството во Европската Унија.
– Меѓу нас се дел од ветераните на македонската одбрана коишто своите кариери ги посветија на остварувањето на оваа цел. Но, факт е дека за остварување на оваа стратешка цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси какви што не се барале од ниту една друга држава – кандидат. Најтешкиот дел од патот до НАТО беше секако изоден од воените и цивилни припадници на Армијата кои преку макотрпни реформи континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема заслужена почит од сојузниците. За тоа сведочат бројните признанија за стручноста, компетентноста, пожртвуваноста на припадниците на Армијата од страна на нашите стратешки партнери и високи претставници на НАТО. Не случајно како врховна командантка на вооружените сили се гордеам со нашата Армија, како наш важен актер во НАТО – рече претседателката.
На одбележувањето на јубилејот се обрати и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски кој навраќајќи се на трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица, наведе дека при овој настан се покажала вредноста на сојузништвото, пријателството и добрососедството, нагласувајќи дека во најтешките моменти целиот регион и пошироко се мобилизира во несебична поддршка. Дополнително, генералот нагласи дека оваа трагедија прикажа што значи НАТО во неговата изворна форма изразена преку директната поддршка добиена од земјите членки.
Осврнувајќи се на идните предизвици на Армијата, генералот Лафчиски наведе „Наша цел продолжува да биде создавање на современа, мобилна и технолошки напредна Армија, Армија која е кредибилен сојузник, Армија која доследно ги исполнува обврските кон алијансата и е силно посветена на колективната безбедност“.
Адмиралот Манч, како највисок претставник од структурите на НАТО истакна дека нашата држава во многу наврати докажа дека е силен и способен сојузник и контрибутор. Адмиралот порача дека со декади нашите војници стоеја рамо до рамо во операциите на НАТО – во Авганистан и во Ирак, а со учеството во мисиите на Косово и во Босна и Херцеговина нашата земја ја демонстрира посветеноста и кон регионалната безбедност. „НАТО може да се потпре на Северна Македонија и Северна Македонија може да се потпре на НАТО“, рече адмиралот Манч.
На одбележувањето на годишнината од членството во НАТО, за прв пат во македонската Армија беше доделен и „НАТО медалот за будност“ и тоа на вкупно 326 армиски припадници кои учествуваа во рамките на мултинационалните сили на Алијансата во Латвија, Романија и Бугарија од јуни 2022 до декември 2024 година. Овој медал кој се однесува на персонал кој бил под команда на Врховниот командант на сојузничките сили за Европа од 24 февруари 2022 година.







