Фото: Фејсбук профил Владо Мисајловски

Современата одбрана не смее да се сведува само на одговор на веќе настанати закани, туку мора да се темели на нивно навремено предвидување, развој на соодветни капацитети и градење отпорност на државата, порача претседателката и врховна командантка на Армијата, Гордана Силјановска-Давкова, на свеченоста во Охрид по повод 18 Август – Денот на Армијата.

Таа оцени дека современиот безбедносен амбиент е сè понепредвидлив, а границите меѓу конвенционалните и хибридните закани сè повеќе се губат.

 – Беспилотните системи, сајбер-просторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на кој се планира, изведува и поддржува современото војување – истакна Силјановска-Давкова.

Според неа, целта на одбраната не е подготовка за војна по секоја цена, туку создавање услови таа да не се случи.

 – Не треба да ја романтизираме војната, туку треба да ја избегнуваме и да ја превенираме, оти највисокиот успех на одбраната е да создаде услови за таа да не се случи – порача претседателката.

Говорејќи за развојот на Армијата, таа потсети на нејзините историски корени и на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година, како и на создавањето на сопствена армија по осамостојувањето на државата.

Силјановска-Давкова оцени дека денес македонската Армија е професионална и високоорганизирана формација, со оперативна кредибилност, војничка дисциплина и висока интероперабилност со сојузничките сили.

Особено значаен, како што нагласи, е придонесот на Армијата во НАТО и во меѓународните мировни мисии. Во моментов 183 припадници на Армијата учествуваат во такви мисии и операции.

 – Македонскиот придонес кон безбедноста не завршува во рамките на сопствените национални граници, туку ги надминува во мировни цели – рече претседателката.

Таа порача дека јакнењето на националните одбранбени капацитети е од клучно значење и за позицијата на земјата во НАТО.

 – Колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност – истакна Силјановска-Давкова.

Модернизацијата продолжува

Министерот за одбрана Владо Мисајловски оцени дека Македонија е безбедна и стабилна држава, а Армијата претставува еден од главните столбови на стабилноста.

Тој нагласи дека модернизацијата се одвива според планираното и опфаќа набавка на современо вооружување и опрема, но и значителни инвестиции во инфраструктурата.

Во тек е набавка на артилериски системи, средства за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, системи за противоклопна борба, опрема за сајбер-заштита, воздухопловна поддршка и комуникациски системи.

Мисајловски најави дека годинава се очекува пристигнувањето на првите два нови хеликоптери.

Дополнително, во следниот период се планирани над 12 милиони евра за инфраструктурата на Армијата, додека досегашните инвестиции надминуваат 3,1 милиони евра.

 – Во следниот период продолжуваме со уште позасилено темпо да ја развиваме Армијата – со повеќе набавки од секој вид опрема, со силни инвестиции за инфраструктурата на Армијата, со повеќе вежби и повеќе обуки – рече Мисајловски.

Најавено е и повторно ставање во функција на Центарот за обука на пилоти, кој, според министерот, десет години бил нефункционален. Планиран е и понатамошен развој на воздухопловната компонента, како и формирање катедра за воено воздухопловство и противвоздушна одбрана на Воената академија.

Над четири проценти од БДП за одбраната

Мисајловски информираше дека годинава буџетот за одбрана, заедно со активностите поврзани со одбраната, надминува четири проценти од БДП.

Според него, со зголемените вложувања земјата ја зацврстува сопствената безбедност, безбедноста на регионот и источниот бок на НАТО, а истовремено го потврдува статусот на кредибилен и доверлив сојузник.

Министерот најави и подобрување на статусот на професионалните војници преку нов колективен договор и други мерки за подобрување на условите за работа.

„Само подготвена Армија е вистинска гаранција за мирот“

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна дека Армијата во последната деценија се наоѓа во интензивен процес на модернизација, кој, покрај набавката на современа опрема, опфаќа и вложувања во обуката, стандардите и човечкиот потенцијал.

 – Времињата се менуваат, заканите се менуваат, технологијата напредува, но нашата должност останува иста – да бидеме подготвени, одлучни и посветени секогаш да стоиме на браникот на државата – порача Лафчиски.

Тој нагласи дека Армијата останува важен дел од националната отпорност и дека нејзината улога не е ограничена само на одбраната од воени закани, туку и на помошта на населението при пожари, поплави, хуманитарни кризи и други непогоди.

 – Само подготвена армија е вистинска гаранција за суверенитетот, територијалниот интегритет и мирот во државата – рече Лафчиски.

На свеченоста во Охрид беа доделени признанија на припадници и единици на Армијата. Орден за воени заслуги доби Командата за операции, а признание беше доделено и на Центарот за одгледување и дресура на кучиња.

Признанија добија и најдоброрангираните потпоручници од класата на Воената академија – Марија Недева, Наталија Кочовска и Антонела Јакимовска. Претседателката посебно истакна дека трите најдоброрангирани питомци годинава се жени, што, според неа, е уште една потврда за зголемената улога на жените во одбраната.