Фото: Илустрација

Дождот што со различен интензитет врне од вчера попладне во дебарскиот регион предизвика помали одрони на повеќе патни правци, поради што надлежните апелираат на внимателно возење.

Од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта информираат дека се регистрирани чести одрони од камен и земја, особено на делници каде што теренот е познат по вакви појави.

– Има помали, но чести одрони, а коловозите се влажни, поради што се препорачува строго почитување на сообраќајната сигнализација – велат од секцијата за МИА.

Екипите се постојано на терен и работат на расчистување на патиштата со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

Под нивна надлежност се повеќе од 110 километри патна мрежа, вклучително и правците Дебар – Маврово, Дебар – Струга, патот кон граничниот премин „Блато“, како и делниците кон Мала Река и Центар Жупа.

Најчести одрони се забележуваат на патот Дебар – Маврово, кај Рајчица, Косоврасти, Јанче, Ростушки Мост и во близина на Бигорскиот манастир, додека на правецот кон Струга критична точка е месноста „Три чешми“.

Од друга страна, врнежите имаат и позитивен ефект, бидејќи се очекува да придонесат за зголемување на нивото на Дебарското Езеро и подобрување на резервите на вода за хидроелектраната „Шпиље“.

Дождот е добредојден и за земјоделството, особено за развојот на житните култури и подготовката на површините за пролетна сеидба.