Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека доколку поранешниот премиер Никола Груевски се појави во државата, веднаш ќе биде спроведен на издржување затворска казна согласно правосилната судска пресуда, пренесе МИА.

Мицкоски нагласи дека институциите ќе постапат без одложување, бидејќи постои јасна и правосилна одлука со која Груевски е осуден на затворска казна. Според него, секое лице има право да ги користи правните механизми и да поднесува жалби, но обврската на државата е да ја спроведе пресудата.

– Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш по неговото појавување во државата, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување затворска казна, која е во согласност со правосилна одлука. Нормално, секое лице има право да ги користи институциите и своите права да поднесува потоа жалби. Но, ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда, со која лицето е упатено на издржување затворска казна, а дали ќе се врати и кога ќе се врати, немам такви очекувања – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека барањето за екстрадиција на Груевски било поднесено во 2018 година, но било одбиено од унгарските власти во 2019 година. Во таа насока, Мицкоски додаде дека прашањето за евентуалното враќање на Груевски не е нешто што го очекува.

Во врска со кредитот од Унгарија, Мицкоски појасни дека станува збор за договор со банка и дека не очекува никакви промени, бидејќи договорите мора да се почитуваат.

– Јас не очекувам апсолутно никакви промени бидејќи договор е договор и треба да се почитува исто како што ние почитуваме многу договори што се направени во минатото, а кои можеби не ни се допаѓаат, но тоа е што е, таква е реалноста – рече Мицкоски.