Би дал сè за да го решам секое прашање и мака на народот. И сигурен сум дека може повеќе, но исто така сигурен сум дека успеваме и го даваме последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме, да подигнеме цврст дом, на темелите кои одново ги ѕидавме. И во таа наша борба резултатите се видливи – истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на свечената академија во Куманово.
„Пеколно тешко“ е, рече, да создадеш успех во наследен руиниран систем и во светска епска криза и дека успехот го потврдуваат бројките – во вториот квартал од 2026 година остварен е раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти и номинален раст од повеќе од 8 проценти и е најголем во регионот.
Како што рече, тоа е показател дека економијата се движи напред, создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард.
-Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари, повеќе економска активност и нови можности за домашните компании. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме до просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60,000 денари – рече Мицкоски.
Во однос на стандардот и трошиците за живот, премиерот псоочи дека во последните три месеци откако, рече, „макроекономски се консолидиравме во услови на бура и тешка светска криза“, трошоците за живот растат, но многу побавно отколку кај нашите соседи и во Европската Унија, со што погрешна била тезата од минатото дека инфлцијата е увезена.
-Во третиот квартал – јули, август и септември, трошоците за живот пораснаа од 2,3 на 2,7 проценти или нешто повеќе од 2,5 проценти, во услови кога просекот во ЕУ е повеќе од 3,8 проценти, или 25 проценти помалку од растот во ЕУ. Ако кај нас инфлацијата е 2,6-2,7 проценти во септември, кај нашиот јужен сосед таа е повеќе од 5,5, а кај источниот сосед е 5,6 проценти и се очекува и кај другите соседи инфлацијата да биде повеќе од 4 проценти -додаде Мицкоски.
-Но, нема да кажам дека овие резултати се доволни. Има семејства кои тешко ги покриваат месечните трошоци, млади кои бараат подобри можности и компании на кои им е потребна поголема поддршка. За нас економскиот успех нема да биде само бројка во статистички извештај. Вистинскиот успех ќе биде кога растот на економијата ќе се почувствува во секој дом. Затоа што држава се гради со работа, инвестиции, производство, нови работни места и резултати. Нашата амбиција е тда напредуваме така што секоја следна генерација ќе живее подобро од претходната, кажа премиерот.
Има политичари, рече, кои не се радуваат на овие успесизашто не можат да го видат сето ова од маглата што ја сеат.
-И затоа, единствената работа што им преостанува е да навредуваат. Најлесно е да лажат и манипулираат. Немаат ниту визија, ниту програма. Единството знаат да потпишуваат се што ќе им биде ставено на маса, секој бел лист хартија, само тоа ако може да го платат граѓаните. Нив ги интересира само фотелја и власт, ништо повеќе, рече Мицкоски во обраќањето, пренесува МИА.
































