Илустрација / фото: Пикселс

Авиолинијата Софија – Скопје почнува редовно да сообраќа од 27 март, со што отвораме нови можности за нашите граѓани, изјавија денеска од Скопје министрите за транспорт на Македонија и Бугарија, Бочварски и Сабев.

Владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а во придружба на делегација од Бугарија, составена од министерот за транспорт – Николај Сабев и од министерот за туризам – Христо Проданов, како и тур-оператори од Бугарија, денеска со првиот лет слетаа на Меѓународниот аеродром „Скопје“.

На средбата во Клубот на пратенците, покрај претставниците на владите на двете држави, присуствуваа и претставници на тур-операторите. На средбата, покрај воспоставување на редовната авиолинија, се разговараше и за зголемување на туристичката понуда.

– Денеска, на мое големо задоволство можам да најавам дека авиолинијата Скопје – Софија ќе почне активно да лета од 27 март оваа пролет. Заедно со колегите од Република Бугарија и со тур-операторите донесовме значајни одлуки за туризмот и за економијата на двете земји. Нашата соработка е на високо ниво и така ќе продолжиме и во наредниот период. Со заеднички заложби и решенија отвораме нови можности за нашите граѓани, но и придонесуваме за развој и раст на економијата – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, по работната средба.

Тој додаде дека оваа средба е силна порака, со која се покажува силната волја за инфраструктурниото поврзување меѓу двете земји.

Министерот за инфраструктура на Република Бугарија, Николај Сабев, истакна дека со денешната средба на тур-операторите на двете земји се воспоставија нови врски во развој на економските односи меѓу Македонија и Бугарија. Тој најави изградба на преостаниот дел од патниот правец до граничниот премин Клепало.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека туризмот има значајна улога во делот на економскиот развој на нашата држава.

– Според податоците минатата година, споредбено со 2020 година имаме двоцифрен раст на бројот на бугарски туристи во нашата држава и токму преку вакви проекти очекуваме и во наредните години ќе се удвои бројот на туристи и во нашата држава и од наша страна кон Р. Бугарија – изјави Бектеши и додаде дека како придонес оваа нова авиолинија да има поголема економска оправданост и во финална фаза е и потпишување меморандум за соработка во делот на соработката на туризмот, а особено во делот на заедничко презентирање на можностите на Македонија и Бугарија во трети земји.

Двајцата министри за транспорт, Бочварски и Сабев, најавија нови средби, на кои посебен фокус ќе се стави на железничкото поврзување.