Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се обрати на Вториот Министерски состанок за интеграција на Ромите, што се одржа во Сараево, БиХ.

На состанокот, кој е во организација на Министерството за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина и Регионалниот Совет за Соработка учествуваат министрите од Западен Балкан кои се одговорни за интеграцијата на Ромите, а преку видео порака се обратија и Оливер Вархеи, комесар за проширување на Европската Унија, како и Михаел Рот, германски државен министер за Европа.

– Изминатиов период, од Самитот на лидерите на Западен Балкан во Познањ во јули 2019, па се до денешниот состанок се покажа како еден од најпродуктивните периоди на регионално ниво, кога е во прашање унапредувањето и интеграцијата на Ромите. За Република Северна Македонија ова беше период кога на дневна основа се работеше на сите горливи теми кои се поврзани со интеграцијата на Ромите – образованието, вработувањето, домувањето, регулирање на матичната евиденција. Кога работиме заедно, кога имаме меѓусебна поддршка, кога споделуваме искуства резултати мора да има – нагласи Шахпаска.

На панелот на кој се дискутираше за напредокот на секоја земја и за исполнувањето на преземените обврски од претходниот министерски состанок во Албанија, министерката Шахпаска информираше дека Македонија има постигнато голем напредок во делот на предучилишното образование во кое се бесплатно се вклучени 400 деца Роми во јавните градинки, додека за средношколците и студентите Роми се поделени 700 стипендии. Истовремено, таа нагласи, дека преку конкретни проекти се работи на задоволување на потребите на Ромите за обезбедување соодветни услови за домување.

На министерскиот состанок учествуваат министрите надлежни за социјални прашања од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Албанија, како и директорот на Канцеларијата за Иницијативи за Ромите на Фондацијата Отворено општество.

На крајот на Вториот министерски состанок беа усвоени заклучоци за натамошниот процес на интеграција на Ромите, кои се очекува да бидат поддржани на Самитот на лидерите на Западен Балкан во рамките на „Берлинскиот процес“, што ќе се одржи на 5 јули, во Берлин, Германија.