Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска Организација Кисела Вода повторно се вклучува во акција за одбележување на „Недела на промоција на хумани вредности“, која се одржува секоја година од 21 до 27 септември, но овој пат со прекрасна песна преку која овој тим испраќа моќна порака кон целиот свет. Целта на неделата е промоција на култура, мир, соживот, толеранција, како и поттикнување на активизам помеѓу младите луѓе. 

Оваа година, ќе се промовираат песни кои се напишани, аранжирани, компонирани и снимени од страна на волонтерите на Црвен крст. Веќе еден месец младите го поминуваат креативниот процес на пишување преку кој треба да го опишат волонтирањето, помошта во заедницата, промените кои ги прават и добрината која ја шират.

Музиката е на Рамадан Шукри, аранжманот на Роберт Ангеловски, а текстот е напишан од страна на волонтерите. Стиховите во песната совршено се совпаѓаат со видео записот, а веселите волонтери се со сјај во очите и среќен израз на лицето. Но оваа организација не застанува тука, продолжува напред со нови и уште подобри проекти и предизвици.

Во снимањето на оваа песна и видео запис, вокална изведба се должи на Благица Ѕунѕуровска, Анастасија Илиевска и Македонка Стојановска, додека пак миксот и мастерингот се дело на Христијан Јаневски.