Комуникацијата со локалните самоуправи и со раководствата на училиштата пред почетокот на новата учебна година е интензивна со цел сите да бидеме добро подготвени и повторно да ја вратиме наставата во училница, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип, каде што изврши увид во условите што ги обезбеди училиштето.

– Пандемијата трае, но не смееме да си дозволиме училиштата да бидат затворени на првиот ден од учебната година. Препораката на УНИЦЕФ, па и на сите други организации кои работат на заштита и унапредување на правата на децата е јасна. Тие треба први да се отворат, а последни да се затворат, затоа што нема подобра опција за учениците од настава со физичко присуство – рече Царовска.

Министерката додаде дека е задоволна од тоа што го видела при интензивните посети по општините и општинските училишта во текот на овој месец и цени дека училиштата се подготвени за квалитетна, но и за безбедна настава, која ќе значи добра едукација на децата. Во новата учебна година етапно ќе се имплементира новата концепција за основно образование.