Фото: Игор Бансколиев

На првиот ден од новата учебна година нашиот весник обиколи повеќе основни и средни училишта. Првичен впечаток е дека здравствените мерки и протоколи главно се почитуваат, што не може да се каже и за просторот надвор од училиштата, каде што бевме сведоци на наплив на емоции, гушкање, бакнежи и поздравувања на учениците што долго време не се виделе

За околу 180 илјади основци и 70 илјади средношколци вчера започна новата учебна година. Ова е првпат учениците да се вратат во училишните клупи откако изби пандемијата на ковид-19, пред повеќе од година и половина. „Нова Македонија“ обиколи неколку училишта. Она што можеше да се забележи се зајакнатите мерки на контрола и придржувањето до пропишаните здравствени протоколи во училиштата. Но видливи беа и големите емоции, гушкања и бакнувања на учениците, кои не носеа маски во училишните дворови кога се поздравуваа, со оглед на тоа што не се виделе долго време. Кога влегуваа во училишната зграда, ги ставаа маските на лицата и ги почитуваа мерките и протоколите. При влез им беше мерена телесната температура и им беше вршена дезинфекција.

Фото: Игор Бансколиев
Фото: Игор Бансколиев

Професорот Александар Алексовски предава биологија во училиштето „Марија Кири Склодовска“. Тој вели дека учениците се задоволни што се враќаат во училиште.
– Пропишаните протоколи се почитуваа. Она што можеше да се види е дека децата се пресреќни што се враќаат во училишните клупи. Сериозно си ја сфаќаат работата, сериозно сфаќаат дека треба да се држат до протоколот. Јас им реков, или ќе се придржуваме до правилата или ќе си го затвориме школото и ќе си учиме од дома. Тие не сакаат да се случи тоа, па затоа почитуваат правила на однесување – вели Алексовски.

Она што можеше да се забележи во текот на вчерашниот ден е и тоа што одредени автобуси на некои градски линии беа преполни со ученици, при што е тешко, па дури и невозможно да се држи дистанца. Ова веројатно е следниот предизвик што треба брзо да се реши, бидејќи во толку тесен простор ризикот од заразување е голем. Деновиве останува да се види како започнувањето на учебната година со физичко присуство ќе се одрази врз епидемиолошката слика во државата, која, за жал, сѐ уште не е оптимистичка. Токму вчера на почетокот на учебната година, Македонија беше рангирана на првото место во Европа по бројот на смртни случаи од коронавирусот.