Ветингот ја дава можноста за своевидно ослободување или прочистување на институциите од системот од влијанијата, било политички, било економски, или други, коишто како исходиште ги имаат коруптивноста и криминалот. Ова го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој денеска учествуваше на трибина посветена на ветингот во МВР што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, а на која учествуваа универзитетски професори, претставници на невладини организации, како и претставници на повеќе институции.

– Ветингот е процес во којшто преку систем на институционализирани проверки на вработените ќе се процени соодветноста на вработените не само за нивната работна позиција туку и во поглед на нивното етичко, но и кривично-правно поведение, а вис-а ви функцијата што ја извршуваат или треба да ја извршуваат. Поентата на овој механизам е да овозможи индивидуален, но и институционален интегритет и кредибилитет, елиминирајќи ги можностите од разните облици на незаконито делување, се разбира, вклучително и коруптивното – рече министерот Оливер Спасовски.

Заради тоа, како што додаде Спасовски, првично се посочува ветингот кај јавните службеници во институциите за спроведување на законите,  пред сè правосудството, полицијата, затворските служби, царината и слично, поточно секаде онаму каде што се детектираат ранливите алки во системот, односно реалното влијание или подложност кон коруптивност или други форми на незаконитост.

Министерот додаде дека тие искажуваат подготвеност и решително и свесно влегуваат во сложен и долг процес заради обезбедување чесни, кредибилни, посветени и одговорни работници, преку проверка и евалуација на нивните вештини, компетенции, што е во насока на воспоставување  силна институција која ќе биде гарант на стабилноста и безбедноста во нашата држава.