Успешни практики од сите региони во земјата преку проекти во земјоделството, екологијата, шумарството, а кои се директно поврзани со климатските промени, беа споделени со јавноста денеска на првиот ден од одржувањето на Националната конференција за клима.

Конференцијата е дел до тригодишниот голем проект „Да зборуваме за климатските промени“, што го организираат „Екосвест“, CNVP и Движењето на екологистите на Македонија. На првиот ден беа споделени и искуствата на неколку здруженија како дел од потгрантовата шема на проектот и што тие сработиле и со што се соочиле во изминатите три години. Работа со деца и развој на свеста за климатските промени се забележува во речиси сите проекти затоа што науката докажува дека мора да се работи на развивање на свеста кај децата уште од мали.

На присутните им се обрати Штефен Худолин, раководител на секторот за операции на Делегацијата на ЕУ. Тој ги поздрави одлично сработениот проект и влогот особено во периодот на пандемијата и нагласи дека Европската Унија и во иднина ќе ја поддржува Северна Македонија во заедничката европска борба со климатските промени.

– Ги поздравуваме заложбата и работењето на закон за климатските промени и посакуваме да почне да се применува што е можно побргу – истакна Худолин.

Ана Чоловиќ-Лешоска истакна дека од огромна важност е потребата граѓаните ефективно да се вклучат во процесите на донесување одлуки кога станува збор за климатските промени, но и решавање на локалните проблеми.

– Ќе продолжиме да го анимираме граѓанското општество. Оваа година е многу клучна за многу закани што ќе го постават патот на нашата држава кон позелено општество – рече Чоловиќ-Лешоска.

Таа ги истакна целите на самиот проект и го сподели задоволството од реализацијата и од соработката со сите здруженија и учесници во проектот. Позитивните искуства на неколкуте партнери како дел од потгрантовата шема докажа дека проектот ги реализирал своите цели.

– Идејата беше да се зголемат капацитетот, транспарентноста и одржливоста на граѓанските организации од разни сектори во земјата преку формирање коалиција за климатски промени на национално ниво, со цел поголема вклученост во креирање на јавното мислење, како и зголемено влијание и учество во развојот на политиките на локално и национално ниво. Целта на проектот беше да се подигне свеста кај македонските граѓани за важноста на справување со климатските промени во сите сектори и на сите нивоа на одлучување како клучен придонес за постигнување успешен процес на пристапување кон ЕУ – рече Чоловиќ-Лешоска.

Конференцијата ја поздрави и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој го изрази задоволството што во наредните две недели ќе се зборува за напредокот и амбицијата што ги има постигнато нашата држава во рамките на климатските процеси и меѓународната акција, како и можностите за зајакната соработка и остварување на постигнатите цели и таргети.

– Зелената транзиција и климатската акција бараат интерсекторски ангажман и посветеност, високо ниво на соработка и креирање синергии во процесите од сите фактори во општеството. Ние како Министерство сме отворени и секогаш ги поддржуваме активностите на граѓанскиот сектор. Преку него ги слушаме барањата и очекувањата на граѓаните и ги вклучуваме во процесите на донесување одлуки, а од друга страна, како Министерство ги споделуваме нашите податоци, знаење и експертиза при спроведувањето на нивните проекти – рече Нуредини.

Нехад Рамадани, претставникот на CNVP, ја истакна одличната соработка со „Екосвест“ и ДЕМ.

– Aктивностите на CNVP се тесно поврзани со користењето обновлива енергија, одржливо управување со шумите (каде што сме особено посветени бидејќи шумите се битен елемент за животна средина и особено за чиста клима). Во светот преовладува заеднички научен консензус, кој нагласува дека хуманите активности се главна причина за влошувањето на климата во светот. Овa покажува дека треба да се промени однесувањето на секој од нас, да се промениме како општество преку нашите активности во корист на ублажување на заканите од климатски промени – истакна Рамадани.

Лиле Симеоновска, претставничка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се осврна на приоритете на ова министерство. Факторот дека имаме голем процент деградирани шуми, неразвиената шумска инфраструктура, немањето систем за мониторинг на моментната состојба на шумските ресурси на национално ниво влијае врз потенцијалот за развој на шумарството, истакна таа.

– Шумите се најзначајниот понор што придонесувва за апсорпција на стакленичките гасови во нашата земја. Во таа насока, зајакнувањето на капацитетите со државно управување на шумските ресурси ќе биде прироритет на нашето министерство – истакна Симоновска.

Климата е обврска на човештото – и оттука да размислвуаме глобално, да дејствуваме локално – се согласија учесниците.

„Справувањето со климатските промени треба да почне од секој од нас како граѓанин. Ние сме тие што треба да ги иницираме сите промени и да ја подигнеме свеста на локално ниво“, истакна Лилјана Јоноски, претставник на Североисточниот Плански Регион.

За тоа колку е важно да се јаде локалната храна, зборуваше Катерина Јордановска од „Слоу фуд Водно“.

– Ако секој од нас направи мала промена во личниот избор на храна што ја каде и избира да купи храна од локалните производители, ќе има огромно влијание врз климатските промени – сподели Јордановска.

Проектот „Да зборуваме за климатските промени“ е финансиран од Европската Унија.