Фото: Игор Бансколиев

Во земјите што се во врвот на спортот, било професионален или рекреативен и масовен, здравиот психофизички развој на младите е решен системски. Во тој успешен систем тие го вклучиле и моделот на тандем-наставници за настава по физичко образование. Во таквите земји, спортската перцепција е поинаква, односно сите активности на училиште се поврзани со спортот. На пример, децата во Словенија имаат три часа физичко во неделата, а во скандинавските земји овој предмет го има секој работен ден. Тоа е култура на цела една нација, тоа е општествена вредност. Овој пилот-проект на Факултетот за физичка култура и Бирото за развој на образованието, а со поддршка на програмата „Еразмус плус“, има токму таква амбиција

Подобра координација, поголема снаодливост и виталност, зајакната самодоверба, поздрави и посреќни деца. Ова се само некои од придобивките што децата во одделенска настава ги имаат од часовите по физичко образование што ги водат тандем-наставници – одделенскиот наставник заедно со предметниот по физичко образование. Овој начин на изведување настава, по иницијатива на Факултетот за физичка култура и Бирото за развој на образованието, а со поддршка на програмата „Еразмус плус“, засега се реализира во пет училишта во Скопје – „Круме Кепески“ во Кисела Вода, „Тефејус“ во Чаир, „Ѓорче Петров“ во општината Ѓорче Петров, „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар и „Братство“ во Карпош. Идејата е овој начин на функционирање да се озакони и да се применува на територијата на целата држава, бидејќи во сите држави во кои наставата по физичко функционира на овој начин, значително е намален бројот на деца со искривен `рбет, деца што имаат проблем со дебелина, но и мноштво други здравствени проблеми.
Проф. д-р Ленче Алексовска-Величковска, деканка на Факултетот за физичка култура, вели дека ова е единствениот начин на кој се создаваат здрави генерации.

– Идејата за овој проект започна многу одамна, а е директно поврзан со здравјето на децата. Не се работи овде само за нивниот моторички развој, туку и за психолошкиот развој, во кој спаѓаат и социјалниот, емотивниот и когнитивниот развој. Децата на возраст од седум до десет години се во еден специфичен развоен период, односно во овој период на детето треба некој правилно да му демонстрира вежба, за да знае да го повтори движењето. Ако нема демонстрација, детето не може да го разбере движењето. Затоа се потребни стручни кадри што на децата ќе им демонстрираат правилни движења, оти ако не научи правилно да ги прави, тоа е основа за создавање деформитети. Ако детето не оди правилно на прсти, тогаш ќе има деформитети во коленовиот зглоб. Тука се и сколиозата, кифозата, лордозата. Овој проект е оправдан и од психолошки и од моторички аспект. Координацијата, снаодливоста, агилноста, брзината мора да се зацврстуваат од најмали нозе – вели деканката.

Во изминатите години, Институтот за јавно здравје, но и други здравствени организации што ги следат децата, укажаа и излегоа со податоци што се сериозен аларм. Седумдесет отсто од децата во шесто одделение имаат деформитет, а секое трето дете има проблем со дебелина.

– Сето ова го правиме заради превенција, потребна е една организирана физичка активност, која ќе ја изведуваат тандемски одделенскиот и предметниот наставник. Овој проект е едногласно поддржан од Бирото за развој на образованието, Владата, Педагошкиот факултет, Филозофскиот факултет. Никој не може да се спротивстави кога се работи за здравјето на децата. Како земја-пример ја зедовме Словенија, оти таму 15 години се реализира овој модел. Тие ги предвиделе сите технолошки бумови, дека технологијата ќе влијае врз децата, дека тие повеќе време ќе седат, дека ќе ја нема повеќе улицата надвор, дека ќе ја нема социјализацијата и сето она што градеше вистинска личност. Затоа, како превенција, системски го решиле проблемот со тандем-наставници. Нивната спортска перцепција е поинаква, односно сите активности на училиште се поврзани со спортот. Дури и кога се работи за изборни предмети, сите земаат спорт. Децата во Словенија имаат три часа физичко во неделата, а во скандинавските земји овој предмет го има секој работен ден. Тоа е култура на цела една нација, тоа е општествена вредност. Ние овде преку овој проект создаваме општествена вредност. Затоа сметам дека ова е неопходно да се реши системски и ние веќе сме во фаза на решавање. Министерот и неговиот заменик, како и претходната министерка Рената Дескоска, го поддржаа ова. Јас се надевам дека нема да бидат изговор парите. Кога е во прашање општествена одговорност, но и здравјето на децата, тоа нема цена – смета Алексовска-Величковска.

Таа вели дека реакцијата е одлична во петте училишта во кои функционира овој начин на настава.

– Малку се зборовите да ви објаснам што се случува на часот. Одделенскиот наставник си ги познава децата, тој ја прави дисциплината на часот, а стручниот наставник ги загрева, ги демонстрира вежбите. Одделенскиот наставник оди од дете до дете и ги коригира. Тие дејствуваат како едно. Веднаш прифатија комуникација, нема суети, неверојатно добро се вклопени. Родителите се презадоволни, велат дека дома децата им ги покажуваат вежбите и ги тренираат нив. Така се зголемува самодовербата кај децата. Ние на овој начин имаме влијание врз создавање и на карактерните особини на личноста. Кога детето е задоволно и среќно, полесно учи, полесно прави сѐ.

Придобивките од физичката активност се големи. За да го реализираме сето ова, направивме и обуки за сите наставници што се вклучени во проектот. Овие училишта влегуваат во историјата на овој тандемски процес. Колегите во Словенија и во Бугарија велат дека се намалиле деформитетите кај децата. Создадени им се спортски навики. Ако детето не ја создаде навиката, тогаш многу е потешко подоцна да ја создаде. Сега е научна фантастика децата да се облечат во трико, во хеланки, а овој проект ќе создаде една спортска култура, која ќе се негува и понатаму – појаснува деканката.

Инаку, во тек е ревидирање на Законот за основно образование.

– Во комуникација сме со министерот и неговиот заменик. Има добра волја кај нив за оваа новина и се надеваме сега дека во членот 52, во делот за реализација на наставата по физичко, ќе се пополни дека, освен одделенски наставник, часовите ќе ги држи и професор по физичко образование – додава проф. д-р Ленче Алексовска-Величковска.

Ленче Алексовска-Величковска