Со полагање на цвеќиња на спомен обележјето во касарната „Мирче Ацев” и посета на спомен собата, вечерва во Прилеп започнаа одбележувањата по повод 17 години од масакрот кај Карпалак, во кој загинаа десетмината припадници на АРМ – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Веби Рушитоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Дарко Велјаноски, Љубе Грујоски, Пецо Секулоски и Марко Деспотоски.

Почит на загинатите им одадоа делегации од АРМ, од ЛС предводена од градоначалникот Илија Јованоски, претставници од Владата, Здружението „Карпалак“, од семејствата на загинатите.

На присутните им се обрати потполковник Славчо Кузманоски, заменик командант на Касарната кој посочи дека денес се поклонуваат пред споменикот за да се одбележат 17 години од нивното загинување.

-Нема да бидат заборавени. Тагата и болката остануваат, но останува гордоста што беа дел од нашата единица. Ваквите чествувања нека не обединат и сплотат и споменот за нив вечно да трае – рече потполковник Кузманоски.

Дел од членовите на семејствата велат дека и по 17 години болката не е исчезната, дека споменот за загинатите е вечен. Цвеќиња беа положени и на спомен обележјето во с.Лениште.

Манифестацијата по повод 17 години од Карпалак продолжува утре, а
централното одбележување е во 13 часот пред споменикот „Карпалак “ во центарот на Прилеп.

Ка.М.