Никогаш немало подобар министер за здравство од Венко Филипче, но граѓаните и иднината на државата се приоритет, рече премиерот Зоран Заев на денешното потпишување на договор со Алтернатива, со кој оваа партија влегува во владата и станува дел од парламентарното мнозинство.

-Ако немав договор со Алтернатива, ќе немаше ваква стабилност, на власт ќе дојдеше Христијан Мицкоски кој не кажува С од Северна Македонија, така што заради граѓаните и за државата сум подготвен на се – рече Заев на новинарското прашање за тоа зошто Филипче ќе ја напушти министерстката позиција ако за веќе кажа дека е задоволен од тоа како работи.

Заев кажа дека сега Филипче ќе стане поголем другар со него, и дека ќе имаат време да се посветат на страста на возење мотори.

– Новите министри и новата влада нема да дојдат со мене како премиер, ќе дојдат со нов иден премиер на владата. Венко Филипче сега ќе стане подругар со мене, ќе имаме повеќе време да возиме мотори. Затоа што кога работите, немате време за тоа. Тоа е мој пријател, покрај тоа што е соработник. Како неврохирург може да биде корисен за здравјето, но има одлични знаења кои може да бидат употребени во периодот на општествено ниво. Доколку новите кадри кои доаѓаат и новиот премиер не сметаат на него, јас сметам на него – рече Заев.