Зоран Заев на денешното потпишување на договорот со Африм Гаши, за Алтернатива да влезе во Владата и да биде дел од парламентарното мнозинство, рече дека се сложуваат оти нема потреба од предвремени парламентарни избори.

Нагласија дека земјата излегува од политичката криза, има стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада, што значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните.

– Заедничка констатација е дека не ни се потребни предвремени или вонредни избори кои само би ја турнале државата во криза. На нашата татковина ѝ треба мирен и стабилен период. Нема да има вонредни избори за да има стабилност – рече Заев.
Новото мнозинство што сега го имаме, рече Заев, ќе работи посветено на најважните прашања за нашата земја.

– Постигнат е договор и имаме мнозинство кое ќе работи на наоѓање на решенија со Бугарија, членство во ЕУ, справување со пандемијата и енергетската криза. Едногласни сме дека на државата ѝ е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните. Само така може да очекуваме почеток на преговори до ЕУ и Бугарија… Во Северна Македонија има стабилно мнозинство и подготвени сме да го надминеме проблемот. Се водевме од императивот да се стави крај на опструкциите во Собранието – изјави Заев.