Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна посета на општина Гевгелија, каде што изврши увид во реализација на инфраструктурни проекти што се градат во општината со поддршка на централната власт.
Тој заедно со директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски, и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, извршија увид во изградба на социјалната зграда и патниот правец во Мрзенци.
„Се грижиме за најранливите категории граѓани. Тука сме денес на увид во изградбата на социјалната зграда, која убеден сум дека ќе го реши станбеното прашање на 52 социјално ранливи семејства во Гевгелија. Вложуваме 79 милиони денари за изградба на овие станови, очекувам до април 2022 година зградата да биде завршена и да ги прими своите први станари“, изјави министерот Бочварски.
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски, истакна дека во моментот се градат преку 700 социјални станови во државата.
„Очекувам во текот на наредната година овој објект да го предадеме на Министерството за транспорт и врски и да започне постапката за распределба на сите овие станови кои се потребни на нашите граѓани од социјално загрозена категорија. Она што можам да го потенцирам е дека Владата, заедно со Министерството за транспорт и врски, останува силно посветена на решавањето на проблемите на граѓаните и изградба на сите оние станбени единици кои се предвидени во иднина. Сакам да најавам дека во следниот период АД за стопанисување со станбен и деловен простор ќе се фокусира и на изградба на комерцијални станбени згради со што ќе понудиме нови станови со поволни цени на пазарот“, изјави Трајковски.