Американските разузнавачи ги предупредија ограноците на ЦИА низ целиот свет за загрижувачки број на фатени или убиени агенти регрутирани во други земји, но со цел да шпионираат во корист на САД.

Во доверлив допис се наведува дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во последните неколку години забележила десетици случаи на шпиони во странство кои биле убиени, уапсени или најверојатно компромитирани. Исто така се додава дека агенцијата се бори да регрутира доушници низ целиот свет во тешки оперативни околности.

Имено, во последните години разузнавачките служби на земји како Русија, Кина, Иран и Пакистан успешно лоцираат и фаќаат шпиони на ЦИА, а во некои случаи ги претвораат во двојни агенти.

Дописот се однесува на прашања проблематични за агенцијата во последните години, вклучително и преголемата доверба во изворите, потценувањето на странските разузнавачки агенции и пребрзото регрутирање на доушници.

Големиот број компромитирани шпиони во последниве години укажува на зголемената моќ на другите земји кои користат технолошки иновации, како што се биометриско скенирање, препознавање лица и вештачка интелигенција за откривање и следење на агентите на ЦИА, пишува „Њујорк тајмс“.

Поранешни претставници на ЦИА велат дека агенцијата треба да стави поголем фокус на безбедноста и контраразузнавањето, како меѓу високопозиционираните челници, така и меѓу агентите од првата линија на фронтот, особено кога станува збор за регрутирање шпиони.

Дописот испратен минатата недела покажува дека агенцијата ги потценила своите противници. Некои поранешни официјални лица сметаат дека вештините на агенцијата во борбата против ривалските разузнавачки служби се кородирани поради деценискиот фокус на терористичките закани и потпирањето на ризични комуникации. Имено, обуката и насочувањето на лица што шпионираат странски влади, сепак, се нешто поразлични од обуката на извори во рамки на терористички мрежи.

Иако во дописот се идентификувани одреден број  шпиони кои биле уапсени или убиени, се наведува дека сè уште не се знае бројот на оние што станале двојни агенти, односно кои своите дејствија ги свртеле против интересите на САД.

Имено, други разузнавачки агенции работат на тој принцип што наместо да ги уапсат изворите на ЦИА, ги претвораат во двојни агенти, кои до американската агенција намерно доставуваат дезинформации. Се нагласува дека Пакистан е особено ефикасен во оваа област.

ЦИА засега одбива да го коментира дописот до кој дошле медиумите.