Министерството за образование ги демантира содржините од фејсбук-групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, за наводни делови во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното обарзование.
– Веста е целосно лажна, а користените илустации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем. Ги повикуваме граѓаните, родителите и учениците да не подлегнуваат на непроверени информации коишто се шират на социјалните медиуми, затоа што со истите се нанесува директна штета на Министерството за образование и наука, како и на целиот образовен систем – велат од МОН.
Оттука велат дека прикажаните текстови и илустрации кои се прилепуваат на делови од Концепцијата не се извадени од наставни материјали предвидени за нашата земја. Министерството бара одговорност за лажните вести, за кои велат дека се тенденциозни, со намера да шират паника и да ја манипулураат јавноста, а за постигање на цели кои немаат никаква допирна точка со унапредување на образованието.
„Од нас за нас“: Немаме намера да шириме паника туку да информираме
Здружението „Од нас за нас“ ги отфрла обвинувањата од Министерството за образование дека шират невистини на социјалните мрежи.
– Здружението ОД НАС ЗА НАС нема тенденциозна намера да шири паника и да ја манипулира јавноста туку има за цел да ја информира јавноста за агендата на сеопфатното сексуално образование преку искуството на другите земји. Препорачуваме министерката внимателно да ја прочита целата објава пред да шири лажни и невистинити информации. Целиот пост, објавен од страна на здружението ОД НАС ЗА НАС можете да го прочитате на следниот линк. Па вие самите одлучете кој ја лаже и манипулира јавноста! А министерката ако има барем малку доблест, ќе му се извини јавно на Здружението за нарушување на угледот и интегритетот – наведува здружението во допис до медиумите.