Од денес околу два милиона Австралијци се под строги мерки на блокада откако беше откриен еден случај на коронавирус во Перт, главниот град на државата Западна Австралија, пренесува Ројтерс.

Властите воведоа петдневна блокада на Перт, откако вработен во хотелското обезбедување, кој работел во карантин за повратници од странство, бил заразен со вирусот.

Според изјавата, 66 лица биле во близок контакт со работникот, а оние кои досега биле тестирани се негативни.

– Вкупно 13 блиски контакти се негативни за вирусот, а 11 кои беа прогласени за контакти со висок ризик беа префрлени во карантин во хотелот поради дополнителни мерки на претпазливост“, рече премиерот на Западна Австралија – Марк Мек Гован.

Како што посочи, резултатите од тестовите на преостанатите контакти треба да пристигнат денес.

Австралија во голема мерка успеа да го спречи ширењето на вирусот – скоро 29.000 луѓе беа заразени, а 909 починаа. Кампањата за вакцинација започнува овој месец.