Прилеп е втор град во државата со најголем број на новозаразени, хоспитализирани лица, и за жал, починати од ковид-19, констатирано е на седница на кризниот штаб. Бидејќи ситуацијата со болеста во општината е крајно алармантна и загрижувачка побарано е Комисијата за заразни болести да одобри полицискиот час во Прилеп да започнува во 19 часот и да трае до 5 часот наутро. Оваа мерка да трае во наредните две до три недели, затоа што во тој период се очекува третиот бран на пандемијата да го достигне својот врв.

– Свесни сме дека со оваа мерка, уште повеќе ќе се наруши комодитетот на граѓаните. Но, од превентивни причини, подобро е на сите нас во овој период од две до три недели, да ни бидат скратени дружбите и забавите, отколку да го зголемиме ризикот и можноста да бидат заразени повозрасните, ризичните и групите на граѓани кои имаат пропратни болести – вели градоначалникот Илија Јованоски, потенцирајќи дека причината за ширењето на ковид-19 била во куќните дружби на граѓаните и криењето на контактите од јавноста, како и метежите при пазарењето во маркетите и во продавниците. Дури имало имало и случаи каде граѓани со потврден позитивен ПЦР-тест се шетале низ градот и по аптеки, маркети итн.

На Општинскиот кризен штаб донесен е заклучок за редуцирање на јавниот превоз. Почнувајќи од утре, среда, автобусите на Јавниот превоз ќе собраќаат до 18 часот и во помал број. Исто така, почнувајќи од утре, на влезовите на пазарот ќе бидат поставени ковид-штандови, со што на секој граѓанин кој влегува во пазарот ќе му бидат дезинфицирани рацете и доколку не носи заштита маска нема да му биде дозволен влез. Со асистенција на волонтери и полицијата, ќе бидат засилени контролите за да се спречат групирања во пазарот. Полицијата и Пазарната инспекција ќе продолжат со
засилени контролите во угостителските објекти. Ка.М.